• вторник, 05 ноември 2024

Бугарија загуби речиси 650 милиони евра поради одлагањето на приемот во Шенген зоната

Бугарија загуби речиси 650 милиони евра поради одлагањето на приемот во Шенген зоната

Брисел, 9 јули 2024 (МИА) - Како последица на тоа што не беше целосно примена во Шенген зоната, Бугарија годинава загуби околу 648 милиони евра, од кои 423 милиони евра директни загуби и 225 милиони евра изгубени бенефиции, се наведува во извештај на Институтот за економски истражувања при Бугарската академија на науките (БАН). 

Податоците во извештајот, изработен за потребите на бугарското Министерство за економија, се попесимистички од прогнозите на Сојузот на меѓународни превозници, кои предвидуваа загуби на годишно ниво од околу 500 милиони евра. 

Според бугарскиот министер за економија Петко Николов, секое понатамошно одлагање на приемот на Бугарија во рамноправно членство во Шенген зоната ќе резултира со „поголеми загубени придобивки и за бугарската и за европската економија“. 

Од крајот на март годинава на граѓаните на Бугарија и Романија им е овозможено слободно преминување на границите со членките на Шенген зоната само по воздушен и воден пат, додека и натаму се во сила граничните контроли на копнените премини на двете земји кон останатите држави од зоната. Ваквата одлука беше донесена на барање на Австрија, која сметаше дека двете земји не ги исполнуваат целосно условите за прием во Шенген зоната.   

Николов оцени дека целосниот прием на Бугарија во Шенген зоната претставува „клучен момент за европската интеграција“, нагласувајќи дека укинувањето на контролите на копнените граници ќе доведе до заштеди од емисиите на јаглерод од транспортот во вредност од 3,75 милиони евра. Според Николов, целосното приклучувањето на земјата кон Шенген зоната ќе ги намали и гужвите на бугарските граници со Романија и Грција и ќе придонесе за зголемување на обемот на трговијата, намалување на трошоците за извозниците, скратување на времето на патување и на испорака, како и поедноставување на административните проверки, што ќе резултира со поголем потенцијал за развој на пограничните области и за помали штетни ефекти по животната средина од камионите кои чекаат на граничните премини.  

Николов додаде и дека Софија го оценува како „исклучително позитивен“ фактот што меѓу приоритетите на претседавањето на Унгарија со ЕУ, во втората половина на оваа година, е и полноправното членство на земјата во Шенген зоната.  

- Високо ја цениме поддршката на Унгарија за брзо, побрзо и би рекол спасоносно пристапување на Бугарија и Романија во Шенген зоната и се надевам дека до крајот на годината тоа ќе стане реалност, рече Николов. 

Меѓутоа, бугарски европратеник Илхан Ќучук смета дека Бугарија најверојатно нема да стане полноправна членка на Шенген во текот на оваа година, имајќи ги предвид парламентарните избори во Австрија закажани за 29 септември. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан