• недела, 22 декември 2024

Бројни посетители за Голем или Источен петок во Варош во Прилеп и на манастирот „Свети Архангел Михаил“

Бројни посетители за Голем или Источен петок во Варош во Прилеп и на манастирот „Свети Архангел Михаил“

Прилеп, 29 април 2022 (МИА) - Жителите на најстарата прилепска населба Варош ширум ги отворија портите за гости на традиционалното одбележување на Источен или Голем петок, прв по Велигден, а манастирот „Свети Архангел Михаил“ во пазувите на Марковите Кули пречека голем број верници и посетители кои доаѓаат да се помолат за здравје и радост и да земат вода од лековитиот извор.

На посетителите им значи што се во манастирот на Голем петок. - Така било од памтивека, доаѓаме да се помолиме, да се измиеме со лековитата вода, која ги лекува очите, а и други болести, вели 75-годишна прилепчанка која секоја година го посетува манастирот.

На помладите посетители им е битно да запалат свеќа за здравје, да посакаат желби и да им се исполнат.

Варошани цел ден пречекувата гости, и роднини, и патници намерници. Најстарата прилепска населба во средновековието била позната на Балканот по големите панаѓури, а остана верувањето дека има 77 цркви.  Варошанецот Спиро Ветакоски смета дека многу недостасуваат средбите, особено по двегодишната затвореност со пандемијата.

- Портите ширум ќе останат отворени довечер. Кој милува ќе дојде. Порано имаше многу гости, многу народ. Со пандемијата како да се одродивмер. Ако не се овие празници, не ќе можеме да се видиме. Тоа ни треба, вели Ветакоски.

Во манастирската црква се одржа света литургија. Манастирот „Архангел Михаил“ е од 12-тиот век и заедно со манастирите Трескавец и во Зрзе се сметаат како манастирски бисери во Регионот. Неодамна манастирот се комплетираше со двата конаци, се изгради и западниот конак што го финансираше Министерството за култура.

Според објаснувањата на Црквата овој празник е востановен некаде во 5 или 6 век, поради чудата што се направени на местото именувано Балаклија или Булукли крај Цариград. Во крајот на 5 или почетокот на 6 век се случило чудо. Имено, во тоа време царот Лав Велики, наречен Макел, во шумата нашол слеп човек кому сакал да му помогне. Откако човекот побарал вода, слушнал глас да влезе подлабоко во шумата и таму, се смета, според верувањето и според житијата, дека станува збор за гласот на Мајката Божја која му рекла да нацрпи од матната вода и на болниот да му ги измие очите, а тој прогледал. Во спомен на чудата кои се таму направени, кои и ден-денеска се случуваат и се чува источникот или лековитиот извор. Ова се случувало и на други места во православните цркви каде имало лековит извор. Така е и со манастирот „Свети Архангел Михаил“ под чии темели има стерна со лековита вода која и денес лекува. Тој култ и до ден денес се одржал. Токму на овој ден се посетува манастирот. ем/дма/

Остани поврзан