• понеделник, 25 ноември 2024

Бојко Борисов: Членството на Северна Македонија и Албанија во ЕУ е стратешка цел на Бугарија

Бојко Борисов: Членството на Северна Македонија и Албанија во ЕУ е стратешка цел на Бугарија
Софија, 13 јуни 2021 (МИА) - Стратешка цел на Бугарија е членство на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија, изјави денеска поранешниот бугарски премиер и лидер на Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) Бојко Борисов на средба со претставници на подмладокот на неговата партија. Како што јави дописникот на МИА од Софија, информирајќи дека разговарал со македонскиот премиер Зоран Заев, Борисов нагласи дека Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година е основа на односите на Бугарија со Република Северна Македонија Борисов на средбата со партискиот подмладок оцени дека начинот на кој техничката Влада на Бугарија и бугарскиот претседател Румен Радев сега преговараат со Северна Македонија може да доведе до лош резултат за Софија или „ќе предизвика двете најблиски земји и нивните народи да се мразат во наредните децении“. Тој апелираше до младите да сторат се што е можно со цел сегашните и идните генерации да не се мразат меѓусебе, при што го обвини Радев дека ја поделил Бугарија, предизвикувајќи поделби во општеството по прашањето за Северна Македонија. Борисов истакна дека мисли оти сегашните власти во Софија лажат, но повика да се почека до Европскиот совет, кој ќе се одржи на 24 и 25 јуни. - Пред тоа е Самитот на НАТО. Се надевам дека имаат храброст и вештини да ги водат преговорите што ќе ги направат двата народа на овие две соседни земји најпријателски, изјави Борисов. Тој оцени дека во последните четири години, додека ГЕРБ беше на власт во Бугарија, неговата земја била лидер на Балканот. - Политиката што сега се води ќе не натера да се замразиме, да се мразиме едни со други. Тогаш, зошто ќе ни се европски проекти? Влегувате во земја што не ве сака. Затоа јас и Зоран Заев се обидуваме работите да одат од долу нагоре, додаде Борисов. нк/сп/

Остани поврзан