• четврток, 19 декември 2024

Борел: Трамп на чело на САД не е крај на светот, туку почеток на нов, поинаков

Борел: Трамп на чело на САД не е крај на светот, туку почеток на нов, поинаков

Брисел, 15 ноември 2024 (МИА) - Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел оцени дека изборот на Доналд Трамп за претседател на САД ќе има „многу општествени, политички и геополитички последици кои ќе го означат развојот на светот и за нашите внуци“.

Борел, кој ја напушта функцијата шеф на надворешната и безбедносната политика на ЕУ, во Европскиот парламент истакна дека доаѓањето на Трамп на чело на САД „не е крај на светот, туку почеток на нов, поинаков свет“. 

-Мораме да се подготвиме за она што може да следи, предвиде тој, велејќи дека тоа мора да се направи „разумно и внимателно“.

Борел посочи дека партнерите од ЕУ мора да покажат дека не се ниту исплашени, ниту поделени, но додаде дека „реалноста покажува дека тие сигурно се“, бидејќи, како што додаде, победата на Трамп „не беше поздравена исто во сите престолнини на Унијата“. 

Според него, тоа ќе има последици за односите меѓу ЕУ и САД и објавувањето на американските царини од 10 отсто за европскиот увоз, како што подвлече, несомнено ќе ја загрози конкурентноста на ЕУ, додека многу повисоките давачки за кинеските производи потоа ќе ги пренасочат кинеските стоки во Европа. 

Борел особено посочи дека Европа мора финансиски и индустриски да компензира за најавеното американско намалување на воената и економската поддршка за Киев. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан