Борел: Трамп е можност за ЕУ да ги искористи своите капацитети
- Европската унија треба да го гледа изборот на Доналд Трамп за американски претседател како можност да ги искористи своите капацитети и својот работен систем за нејзиниот глас да се слушне на светската сцена, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.
Брисел, 19 ноември 2024 (МИА) - Европската унија треба да го гледа изборот на Доналд Трамп за американски претседател како можност да ги искористи своите капацитети и својот работен систем за нејзиниот глас да се слушне на светската сцена, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.
„Трамп претставува можност за Европејците, не само да се разбудат, се разбудивме пред пет години, туку да ги искористат своите капацитети и нивниот систем на работа за нашиот глас да се слушне на светската сцена“, рече Борел на прес-конференција по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки.
„Односите со новата американска администрација секако ќе бидат интересни. Тоа е и можност за нас Европејците да се покажеме како доверливи партнери, како рационален актер, како некој што може да донесе рационалност, некој што го почитува меѓународното право, ги гледа климатските закани“, рече Борел.
Тој, исто така, изрази загриженост поради извештаите дека Кина, Иран и Северна Кореја и помагаат на Русија во нејзината војна против Украина.
„Русија не можеше да ги поддржи своите воени напори без помошта на Иран, Кина и Северна Кореја“, рече Борел.
Зборувајќи за Украина,тој истакна дека Европската унија често не била обединета. „Премногу често нашите дискусии траеја предолго. Мојот последен повик до колегите е да бидеме пообединети, побрзо да донесуваме одлуки“, рече Борел.
Тој посочи дека ЕУ не може да биде геополитичка сила ако треба да поминат недели и месеци за да се постигне договор и да се дејствува.
„Мораме да бидеме пообединети ако сакаме да зборуваме со јазикот на моќта. Мораме да бидеме пообединети, поблиски до нашите партнери и пореални во нашиот пристап кон остатокот од светот“, рече Борел.
Тој им предложи на земјите-членки да го прекинат политичкиот дијалог со Израел поради кршење на човековите права во Газа. Политичкиот дијалог е предвиден во договорот меѓу ЕУ и Израел во кој се наведува обврската за почитување на хуманитарното право и човековите права. Ваквата одлука бара консензус од сите земји-членки, но повеќето земји-членки не се за тоа.
Опишувајќи ја ситуацијата во Газа, Борел рече дека му снемува зборови. „Ги исцрпив сите зборови за да објаснам што се случува на Блискиот Исток. Речиси 44 илјади мртви во Газа, а 70 отсто од убиените се жени и деца“, рече Борел. паг/
Фото: ЕПА