Борел повика на примирје во Судан, делегацијата на ЕУ се евакуира од Картум
- Шефот на дипломатијата на ЕУ побара и гаранции за безбедна евакуација на граѓаните на ЕУ од Судан. „Европската унија ја евакуира својата делегација од Картум“, објави Борел на Твитер.
Брисел, 24 април 2023 (МИА) – Првиот човек на европската дипломатија, Жозеп Борел, синоќа ги повика двајцата лидери на завојуваните страни во Судан да прогласат примирје и додаде дека ЕУ ја евакуира својата делегација од суданскиот главен град Картум.
Борел на Твитер напиша дека разговарал со началникот на армијата на Судан и де факто претседател Абдел Фатах ал-Бурхан и шефот на паравоените сили за брза поддршка (РСФ) Мохамед Хамдан Дагл.
Тој напиша дека за време на разговорите „инсистирал на потребата да се заштитат цивилите“ во Судан, каде што повеќе од една недела се водат тешки борби.
Шефот на дипломатијата на ЕУ побара и гаранции за безбедна евакуација на граѓаните на ЕУ од Судан.
„Европската унија ја евакуира својата делегација од Картум“, објави Борел на Твитер.
Борел објасни дека амбасадорот на ЕУ, Ајдан О'Хара, кој на почетокот на неделата беше нападнат во Картум, ќе продолжи да работи во Судан.
Борел напиша дека му „олеснало“ што евакуацијата се одвива со поддршка на француската дипломатска служба, француската војска и Џибути.
„Остануваме посветени на замолчување на оружјето и помагање на сите цивили кои останаа“, напиша тој на Твитер. сд/