• недела, 22 декември 2024

Борел: Најлесен начин да се стави крај на војната е Путин да ја повлече војската

Борел: Најлесен начин да се стави крај на војната е Путин да ја повлече војската
Брисел, 1 февруари 2023 (МИА) - Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска изјави дека најлесниот начин да се стави крај на војната и страдањата што таа ги предизвикува е рускиот претседател Владимир Путин да ги повлече своите трупи и да го запре нападот врз Украина, но дека сите оние кои се обиделе да преговараат со него „се вратиле со празни раце“.

Високиот претставник на ЕУ напиша во блог на веб-страницата на Европската служба за надворешни работи дека „Европејците секогаш ќе останат отворени за секој кој е сериозен да бара решение преку преговори“ и дека тоа е клучна точка на која тој ќе продолжи да инсистира.

„Она што Русија го нарекува специјална воена операција не е ништо помалку од целосна инвазија на суверена земја. Русија убива украински цивили, уништува домови, болници и електрани. Она што се случува во Украина е јасно кршење на Повелбата на ОН и меѓународниот поредок заснован на правила“, напиша тој.

Борел додаде дека минатата недела отпатувал во јужноафриканскиот регион за да учествува во министерскиот дијалог ЕУ-Јужна Африка и одржал билатерални состаноци во Јужна Африка и Боцвана, но и дека руската инвазија на Украина била високо на агендата.

„Се чинеше дека Јужна Африка се согласува со ставовите на Русија кога нејзиниот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ја посети земјата повторувајќи лаги дека војната е одбрана од русофобната и фашистичка Украина и дека Европа и нејзините партнери се залагаат за воено решение, блокирајќи ги дипломатските напори. “, рече тој.

Борел додаде дека руската војна е закана за Европа колку што е закана за Африка и другите, иако се случува на европско тло, таа влијае на целиот свет предизвикувајќи криза со храна која погодува милиони луѓе и дека посетата на Лавров е дел на напорите на Русија да избегне меѓународна изолација и да го прошири своето влијание во Африка.

„ЕУ не бара од Јужна Африка или некој од нашите партнери едноставно да избере страна меѓу Русија и Западот. Она што го бараме од Јужна Африка и сите земји е да застанат на принципите и вредностите на Повелбата на ОН и меѓународното право“, напиша Борел. паг/

Остани поврзан