• четврток, 07 ноември 2024

Борел: ЕУ ја поздравува Резолуцијата на ОН за поддршка на планот на Бајден за Газа 

Борел: ЕУ ја поздравува Резолуцијата на ОН за поддршка на планот на Бајден за Газа 

Брисел, 11 јуни 2024 (МИА) - Европската Унија го поздравува усвојувањето на Резолуцијата 2735 на Советот за безбедност на Обединетите нации, со која се поддржува новиот предлог за прекин на огнот објавен на 31 мај, се наведува во изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во врска со усвојувањето на документот со кој се поддржува планот за прекин на огнот во Газа предложен од американскиот претседател Џо Бајден. 

- ЕУ потсетува на својата целосна поддршка на сеопфатниот патоказ претставен од претседателот на САД, Џо Бајден. Ги повикуваме двете страни да го прифатат и имплементираат предлогот од три фази, се додава во изјавата. 

Борел натаму нагласува дека ЕУ воедно бара итно спроведување на оваа, како и на резолуциите 2728, 2720 и 2712 на Советот за безбедност на ОН. 

- ЕУ е подготвена да придонесе за заживување на политичкиот процес за траен и одржлив мир, заснован на решението за две држави и да поддржи координирани меѓународни напори за обнова на Газа, се нагласува во изјавата на Борел. 

Советот за безбедност на ОН синоќа со 14 гласа „за“ и еден „воздржан“  усвои Резолуција со која се изразува поддршка на предлогот претставен од американскиот претседател Бајден за итен прекин на огнот во Газа. За усвојување на Резолуцијата гласа 14 членки на Советот за безбедност на ОН, а Русија беше воздржана. 

Во текстот се потенцираат и дипломатските напори на Египет, САД и Катар за ставање крај на конфликтот, се наведува дека Израел го прифатил планот на Бајден и се повикува и Хамас да го стори истото. 

Планот на Бајден, промовиран на 31 мај, опфаќа три фази. Првата фаза предвидува прекин на огнот, ослободување на киднапираните жени, деца и повозрасни лица од страна на Хамас во замена на палестински затвореници, повлекување на израелските сили од населените места во Газа, зголемување на хуманитарната помош за палестинското цивилно население, обнова на основните услуги и враќање на цивили во нивните домови на целата територија на Појасот. 

Во втората фаза се предвидува почеток на преговори за конечно мировно решение, ослободување на сите преостанати киднапирани Израелци од страна на Хамас и целосно повлекување на израелските сили од Газа. 

Третата фаза предвидува спроведување на план за обнова на Газа, што ќе трае неколку години. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан