• вторник, 05 ноември 2024

Борел бара истрага за израелскиот напад врз персоналот на ВЦК во Газа 

Борел бара истрага за израелскиот напад врз персоналот на ВЦК во Газа 

Брисел, 2 април 2024 (МИА) - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел изрази сочувство за загинатите седуммина членови на персоналот на невладината организација Светска централна кујна (ВЦК) при синоќешниот израелски воздушен напад во Газа. 

- Го осудувам нападот и барам истрага. И покрај сите барања за заштита на цивилите и хуманитарните работници, гледаме нови невини жртви, наведе денеска Борел во објава на Икс. 

Според него, овој напад укажува на потребата од итна примена на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара прекин на огнот, целосен хуманитарен пристап и засилена заштита на цивилите во Газа. 

ВЦК соопшти дека седуммина членови на нејзиниот персонал биле убиени доцна синоќа во напад врз нивно возило во центарот на Газа, каде помогнале во достава на храна и друга помош. Тие пристигнале во северна Газа неколку часа претходно. По ова, денеска организацијата соопшти дека ги суспендира своите активности во регионот. 

Светска централна кујна е непрофитна невладина организација со седиште во Вашингтон, основана во 2010 година, со мисија да доставува храна до лица погодени од природни катастрофи. Нејзина прва мисија беше на Хаити по катастрофалниот земјотрес во 2010 година, а потоа им помагаше и на жртвите од ураганот Харви во Тексас и од пожарот во окрузите Вентура и Санта Барбара во Калифорнија. За време на Ковид пандемијата доставуваше храна низ САД, од 2022 година има свои кујни во Украина, а лани им помагаше и на жртвите по земјотресите во Турција и Сирија. Од минатата есен, ВЦК доставува храна и помош и за цивилите во Газа. сп/

Фото: Икс

Остани поврзан