• понеделник, 23 декември 2024

Боксери од 14 држави доаѓаат на јубилејниот 50. Златен гонг

Боксери од 14 држави доаѓаат на јубилејниот 50. Златен гонг
Скопје, 10 ноември 2021 (МИА) – На претстојното 50-то издание од меѓународната боксерска манифестација „Златен гонг“ учество пријавија околу 60 боксери од 14 земји. Македонската репрезентација која ќе биде предводена од селекторот Руждија Калач ќе биде составена од: Ардијан Џемаили, Оран Јашаровски, Јасин Љама, Дион Лена, Ферид Хоџа, Лео Јовановски и Арсим Етеми. Покрај македонските ќе учествуваат и боксери од: Албанија, Англија, Бугарија, Велс, Ирска, Кина (Хонг Конг), Косово, Молдавија, Словенија, Србија, Украина, Хрватска и Црна Гора. По традицијата, најголемата боксерска манифестација во нашата држава добива поддршка од Агенцијата за млади и спорт (АМС). - Сите настапи кои имаат меѓународен карактер се плус за сите наши спортисти. Од ваквите натпревари се стекнува потребното искуство. Агенцијата за млади и спорт и во иднина ќе дава поддршка со цел постигнување подобри резултати. Јас како директор на АМС ќе се залагам македонските боксери да имаат услови што ќе овозможат нивен напредок и во скоро време да се појави некој нов Примислав Димовски, Вели Мумин, изјави Наумче Мојсовски, директор на АМС. Претседателот на Боксерската федерација на Македонија, Примислав Димовски очекува турнирот да помине без проблеми.         - Јубилејниот 50-ти Златен гонг ќе го одржиме и покрај пандемијата. Ќе биде на некакво ниво со одреден квалитет со оглед на тоа што пред една недела се одржа Светското првенство. Полека излегуваме од кризата. Да видиме како ќе течат борбите, па потоа ќе ги кажеме впечатоците. Покана до сите љубители на боксот да го следат турнирот или во салата или на телевизија, рече Димовски. Според програмата на „Златен гонг 2021“ утре (11 ноември) ќе се одржат четвртфиналните средби (16 часот), Свеченото отворање (16:30) и Конференцијата за одбележување на јубилејот (20:30 Хотел Континентал). На 12 (петок) се полуфиналните мечеви (13 часот сесија 1 и 18 часот сесија 2), додека финалните борби ќе почнат в недела на 13 ноември со почеток во 20 часот. Натпреварите ќе се одржат во малата сала во СЦ „Борис Трајковски“. зс/

Остани поврзан