Божиќни подароци од ФК „Каменица Саса“ за Дневните центри во М.Каменица и Делчево
- Фудбалерот Даниел Гоцевски со поддршка на фудбалскиот клуб „Каменица Саса“ во пресрет на Божиќните празници пријатно ги изненадија децата од Дневните центри во Делчево и Македонска Каменица.
Македонска Каменица, 5 јануари 2021 (МИА) - Фудбалерот Даниел Гоцевски со поддршка на фудбалскиот клуб „Каменица Саса“ во пресрет на Божиќните празници пријатно ги изненадија децата од Дневните центри во Делчево и Македонска Каменица. Во просториите на двете установи денеска беа доставени пригодни подароци со што им посакаа Среќна и успешна Нова 2022 година.
- На моја иницијатива со поддршка на ФК „Каменица Саса“ решивме заедно на нашите другарчиња од Дневните центри во Македонска Каменица и Делчево да им подариме Новогодишни пакетчиња во знак на внимание и поддршка, како што тие ни ја даваат својата поддршка за време на спортските натпревари, рече Гоцевски.
За возврат Гоцевски доби пригоден подарок од штитениците во установата за што во името на клубот се заблагодари за убавиот гест.
Даниел Гоцевски моментално е капитен на ФК „Каменица Саса“, клуб кој се натпреварува во Втората фудбалска лига - Исток и според него е главен претендент за влез во единствената Прва фудбалска лига на Македонија.
- ФК „Каменица Саса“ со своите добри игри полека го враќа фудбалскиот сјај од минатото и се наметнува како фудбалски бренд на Истокот. Моментално се наоѓа на само еден бод заостанување зад првопласираната екипа на табелата, што навестува дека Каменичани навистина се тим кој и тоа како има шанси да биде дел од Македонската фудбалска елита, додаде Гоцевски.
Ваквите акции, како што најави, ќе бидат препознатлив знак за клубот и во иднина. вс/ар/