• понеделник, 23 декември 2024

Богомила - зелен рај во срцето на АЗОТ

Богомила - зелен рај во срцето на АЗОТ
Скопје, 21 мај 2022 (МИА) - Ако никогаш не сте ја посетиле или сте биле многу одамна, а сакате да одморите од ова стресно секојдневие, направете го тоа следниот викенд, упатете се барем на два-три дена одмор во прекрасното село Богомила во срцето на АЗОТ, кое е дел од Општина Чашка, со местоположба во средишниот дел, во центарот на Македонија. До Богомила можете да патувате со воз, оној удобниот „кинескиот“ на ЈП Македонски Железници, а кој секој ден рано наутро, попладне и навечер сообраќа на релација Скопје-Велес-Богомила-Прилеп-Битола, и обратно. Воедно до Богомила ве води убав асфалтиран пат од Велес кон Богомила преку селата Теово и Согле. Од Велес е оддалечена 46 километри, од Прилеп 48, а од Скопје околу стотина километри. Зелен рај започнува уште кога ќе стигнете на Железничката станица Богомила. Пред вас се отвора пролетна убавини од зеленило, шума и ливади, разнобојни миризливи цвеќиња, свеж воздух, песна од птици. Богомила е убава во сите годишни времиња, посебно во април, мај и јуни кога се’ е разеленето, миризливо и опојно и ви дава спокој и радости. Богомила е убава и во лето затоа што имате и каде да се капете во реката Бабуна, а ноќите се попријатни за спиење далеку од спарниот жежок град. Убава е и во зима со снег и белини,со можност да шетате по неа или да санкате и скијате на планината Јакупица во реонот на Чеплес,под Солунска Глава. Каде да се сместите за ноќевање Селските куќи или викенд куќи во Богомила секоја година се се’ побројни. Се обновуваат старите семејни куќи, а се градат и доградуваат нови.Помладите главно доаѓаат за викендите и празниците, а постарите жители кои одамна се отселилае од таму, по пензионирањето повторно и се враќаат на таа убавина и повторно стануваат нејзини жители. Ако немате роднини и пријатели за престој во некоја викенд куќа, тогаш упатете се во Рекреативниот Дом со преноќиште за пензионери и младинци „Петар Поп Арсов“ сместен во самиот строг центар на селото веднаш до поштата. Наменет е за сите кои тука сакаат да престојуваат со ноќевање на два-три или повеќе дена по популарна и прифатлива цена. Ќе ве пречека љубезната домарка Весна, но претходно треба да се најавите на телефoн преку велешкото Здружение на пензионери кои стопанисуваат со домот. Во него ги имате сите удобства за пријатен престој со чисти и уредни соби, со топла вода во купатилата во секое време, бидејќи домот има сончев колектор. Воедно, на располагање имате и за готвење кујна со трпезарија, сала за пинг понг, сала за ТВ. Домот има прекрасен висок чардак од кој се гледа Богомила и околните планини, а навечер небо полно со ѕвезди-вистинско уживање, плус уште ако имате друштво со гитара со музика и песна ќе имате дополнителна забава на отворено до доцна во ноќта. Спомен куќата на Петар Поп Арсов во Богомила Кога сте дошле во Богомила задолжително посетете ја Спомен-куќата на Петар Поп Арсов, еден од основачите на Македонската револуционерна организација и уредник на списанието ЛОЗА. Во 1986 година куќата беше конзервирана и беше поставена музејска поставка,а истата година е прогласена за културно наследство на Македонија. Во текот на повеќе децение оваа Спомен-куќа е посетена од повеќе илјади посетители, затоа ако барем еднаш дојдете во Богомила посетете ја и дознајте за дел од богатата историја на овој крај. Во средината на 90 –тите години од Спомен куќата беа украдени Библијата,пиштол и нож,а во 2012 година беше оштетена. Сепак, со средства од Министерството за култура тогаш е извршена санција Во Богомила има две цркви повеќе манастири и свети води Првата црква во Богомила е Горна Црква. За нејзината изградба нема точни податоци, но се смета дека потекнува од 13 век. Црквата е посветена на „Св.Илија Чудотворец“. Втората, Долна Црква е изградена во 1837 година и е посветена на „Св. Атанасиј“. Над селото кај последните куќи на 550 метри надморска височина се наоѓа манастирот „Св.Спас“, изграден е во 1996 година, а оттогаш секоја година се’ повеќе е посетен, а посебно на Спасовден кога е манастирската слав. Во него има и манастирски конаци за престој и ноќевање на православните верници. Низ историјата Богомила и богомилчани се горди на историскиот Февруарски поход од Народноослободителната војна.Во февруари 1942 година партизаните со цел да го омасоват народноослободителното движење за ослободување на Македонија од непријателот, по снег и студ, боси,слабо облечени и гладни поминувале во овој крај. Римски мост или попознат како „Ѕидан мост“ На самиот влез во селото Богомила ќе го видите и ќе ве воодушеви по својата градба „Ѕидан мост“ на реката Бабуна, изграден од римскиот период,кој е заштитен споменик на културата од 1953 година. Мостот во изминатите години беше во функција и за возилата, па и за тешки товарни возила и се’ повеќе се уништуваше, поради што богомилчани повеќепати протестираа до локалната и државната власт. Од пред две години, движењето за возилата по него е забрането, освен за пешаците, а локалната власт на Општина Чашка до него за сообраќај изгради нов бетонски мост. Во селото Богомила има и интересни стари куќи од кои некои се реновирани, а некои оставени на забот на времето, за жал се’ повеќе пропаѓаат. За Богомилите и богомилството чии корени се од овој крај Од римскиот период може да ѕирнете во средниот век бидејќи целиот овој крај селата Богомила, Нежилово, Согле и Бистрица изобилуваат со приказни за попот Богомил и богомилското движење. Богомилите според некои се наречени по попот Бoгомил,според други затоа што сметале дека му биле мили на Бога, Бого-мили. Планината Бабуна и реката Бабуна исто така се поврзуваат со богомилите, кои биле познати и под името Бабуни. Богомилите биле прогонувани и од црквата и од државата, па затоа се собирале и се криеле во пештерите кај село Нежилово. Богомилството-христијанско верско учење во средновековна Македонија и пошироко, се појавува како реакција на социјалното раслојување што настанува како резултат на воведување на феудализмот и на поддршката на власта од страна на официјалната христијанска црква.Името го добиле по попот Богомил, по кого е наречено и селото Богомила. Богомилското движење настанало како социјална реакција на одземените имоти и права на слободните селани,што преку ноќ останале без земја имоти.Воедно и против крепосното право на господарот со кое покрај земја,имал право на човечки живот,на своите закрепостени селани.На феудалната држава и христијанската црква и се спротивставиле Богомилите. На теренот во село Богомила и околината досега не се пронајдени никакви материјални докази дека на ова место во 10 век се случувала една од најголемите социјални револуции на средниот век,но затоа има бројни преданија и усни кажувања од колено на колено се до ден денес. Науката востановила дека од овие простори богомилството се проширило во Босна,Италија,Франција па се’ до Мала Азија. Според некои преданија,високо во планината Јакупица постоело село Горно (Старо)Нежилово.Во првиот познат турски попис на селата во Азот се спомнува и ова село со околу шеесетина возрасни жители.Деца на пописот нема,како ни податоци за религијата.Се сметало дека токму овие луѓе се дел од големата богомилска популација,која останала после прогоните што ги правела црквата и феудалната средновековна држава.Веќе во наредниот попис селото не било попишано што може да значи дека жителите се одселиле на друго место и тоа згаснало.На ова место каде се наоѓало селото, тече Нежиловска река, а крај неа постојат материјални остатоци во вид на ѕидови од куќи,инфраструктира и друго. Сега потегот е на научниците да истражат бидејќи ова е една од трагите кои водат кон Богомилите во Богомила. Инаку оваа област со средиште во Богомила е позната како Азот, од арапскиот збор Хас или Хасот донесен од Османлиите,со значење на тешко пристапен или одметнат терен,како што се нарекува и до ден денес Азот. Богомила-воздушна бања Селото Богомила е заобиколено со пошумени планински страни, има пријатна микро клима поради што се нарекува воздушна бања. Бистрите, брзи и студени води на реката Бабуна која извири високо горе во планината Јакупица,само го надополнуваат прекрасниот предел од зеленило,шуми и изобилство на вода и природни убавини. Шумите даваат свежина на воздухот па и во најжешките летни денови тука и пријатно да се престојува. Во летниот период при посетата на Богомила може да имате и речно капење во познатиот „Тасевски вир“ каде последниве години од мештаните е направена мала брана со изѕидан базен.Тој е посебна атракција и доживување за сите посетители посебно за децата и младите кои тука се капат, а најмасовно на ова место е за празникот Св. Илија-Илинден. За излет се поволни и околните зелени ливади со многу цвеќиња,птици и пеперутки кои се убавина и одмор за очите вистински зелен рај посебно во мај. Тука се и бројните дабови сенки во близина на селото.Во непосредната околина на Богомила имате можност и за лов во шумата и за риболов покрај бистрите води на Бабуна. Но ако не сте ловец и риболовец, а ја сакате природата вие едноставно дојдете во Богомила посебно во месеците мај и јуни и уживајте, шетајте, трчајте по зелентеливади,берете разнобојни ливадски и планински цвеќиња и шумски плодови, лековити билки... Потоа седнете под некоја сенка земете интересна книга читајте и слушајте ја песната на птиците и вистински одморете се од секојдневието и стресот и наполнете ги батериите до следното доаѓање во Богомила и прекрасниот Азот. Народот вели, кој еднаш дошол, секогаш повторно и пак има желба и секогаш кога ќе му се пружи шанса повторно доаѓа и ужива во зелениот рај на Богомила и реонот на Азот. Антоанела Димитриевска

Остани поврзан