• петок, 22 ноември 2024

Богоев – Кванјанг Ко: Почнува реализацијата на грантот од 4,8 милиони долари

Богоев – Кванјанг Ко: Почнува реализацијата на грантот од 4,8 милиони долари

Скопје, 8 ноември 2023 (МИА) - Директорот на Царинска управа Стефан Богоев и генералниот директор на Царинската служба на Република Кореја, Кванјанг Ко остварија средба во седиштето на корејската Царина во Сеул на која најавија отпочнување на реализацијата на грантот од 4,8 милиони долари за развој и имплементација на систем за управување со ризици и податочен склад.

Богоев, како што соопшти Царинската управа, е во дводневна работна посета на Царинската служба на Република Кореја, што се реализира во рамки на неодамна потпишаниот Меморандум за соработка.

- Имплементацијата на овој систем ќе помогне во унапредување на ефективноста на Царинската управа, односно да собереме повеќе пари во Буџетот, да бидеме партнер на бизнис заедницата и да се бориме против организираниот криминал и корупцијата што повторно придонесува за повеќе приходи во Буџетот, истакнал Богоев.

Oдлуката за доделување на грантот, како што се наведува во соопштението, следи по тригодишна анализа на македонската Царина по што е одлучено дека како лидери во регионот, грантот треба да биде доделен токму на Царинската управа на Република Северна Македонија. Во оваа насока, од страна на генералниот директор Кванјанг Ко биле поздравени заложбите што ги презема македонската Царина со цел зголемување на ефективноста на институцијата и создавање услови за поголема конкурентност на македонската економија.

- Стратешка цел е Република Северна Македонија да стане рамноправна членка на Европската Унија до 2030 година што значи дека македонските граници ќе бидат граници на ЕУ. Ова значи и целосна хармонизација на нашето законодавство со европските регулативи. Воедно во континуитет работиме на целосна дигитална трансформација на Царинската управа и имплементација на нови и унапредување на постоечките ИТ системи во линија со системите на ЕУ, нагласил Богоев.

Во текот на утрешниот ден ќе бидат потпишани меморандуми за соработка што ќе отворат нови можности за финансиска поддршка. бак/дма/

Фото: Царинска управа

Остани поврзан