• петок, 22 ноември 2024

Богоев: За шест месеци бројот на заплени поголем за 30 проценти, меѓу заплените 66 илјади ризични лекови

Богоев: За шест месеци бројот на заплени поголем за 30 проценти, меѓу заплените 66 илјади ризични лекови

26 декември 2023 

Бројот на заплени во последните шест месеци бележи раст од 30 проценти во однос на истиот период минатата година. Меѓу позначајните заплени се 66 илјади парчиња ризични лекови, што е една од најголемите бројки во историјата на Царинска управа во овој дел. Посериозни резултати се очекуваат и со започнување со работа на новиот Сектор за посебни истражни мерки, којшто освен со шверцот - директно ќе се бори и со корупцијата, вели директорот на Царинска управа Стефан Богоев во интервју за Слободен печат.

Во однос на заплените остварени во текот на изминатите шест месеци и резултатите од нив, Богоев ги истакна и запленетите девизи кои во противвредност изнесуваат околу 360 илјади евра. Овие средства, како што рече, можат директно да одат во Народна банка и во Буџетот, а тоа во споредба се 6 амбулантни возила што преку заплени ги обезбедила Царинска управа за шест месеци.

„Во моментов го доекипирам Секторот за посебни истражни мерки кој ќе има надлежност да следи потенцијални сторители на криумчарење, корупција, царински измами, а согласно закон, со наредба на суд и обвинител. Имаме опрема, а се вадат и безбедносни сертификати. Очекувам тој сектор наредната година да почне сериозно да функционира и да даде сериозни успеси. Ако некој шверцер влезе во фокусот на разузнавачките тимови на Царината и Тимот за посебни истражни мерки и ако е предмет на следење и видиме дека комуницира или се среќава со наш колега, веднаш и нашиот колега ќе стане предмет на истрага. Очекувам овој сектор да даде сериозен придонес во борбата против криминалот, криумчарењето и шверцот надвор од царината, како и против корупцијата внатре во Царината.“, истакна Богоев.

Двата клучни сектори за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал, Секторот за контрола и истраги и Секторот за посебни истражни мерки, ќе се зајакнат и со опрема, меѓу којашто се и дроновите што ќе бидат обезбедени како донација од Обединетото Кралство.

Беспилотните летала овозможуваат покривање на поголеми области, поголема видливост и во текот на ноќта, како и фотографирање од далечина со висока резолуција. Ова е од голема корист при вршење на специјалните задачи поврзани со откривање организиран криминал и корупција.

Во насока на сузбивање на шверцот и корупцијата, Богоев ги потенцираше и новите проекти на чија имплементација активно се работи.

Следниот месец ќе започне поставувањето на системот на паметни камери за надзор и  препознавање на регистарски таблички на граничните премини. Исто така, царинските службеници на најфреквентните премини ќе бидат опремени со телесни камери, преку програми поддржани од амбасадата на САД.

Со грант од Кореја започнати се и активности за имплементација на систем за анализа на ризик и податочен склад, што ќе користи алатки за вештачка интелигенција за селекција на сомнителни декларации во кои постои ризик за плаќање давачки во помал износ од реалната цена на стоката, ризик од погрешно царинско распоредување или ризик од неточно пријавување на потеклото на стоката.

Приходите од царина во минатите шест месеци забележуваат раст од 8,6 проценти, акцизата за над 3 проценти, а данокот на моторни возила за над 46 проценти во однос на истиот период минатата година. Ова го истакна директорот на Царинска управа, Стефан Богоев, во гостувањето на Слободен печат. 

Паралелно со растот на приходите, расте и бројот на заплени и тоа за 30 проценти во однос на лани. Забележан е и раст од 7 проценти во бројот на изработени царински декларации, дополнително е олеснета трговијата, а забрзан е и прекуграничниот проток на стоки, што значи заштеда на време и средства за македонските компании и зголемување на нивната конкурентност на меѓународниот пазар. Богоев вели дека паралелно се имплементираат и нови системи усогласени со системите на ЕУ, а наскоро ќе се потпише и договорот за меѓусебно признавање на белешките од мерење на вага со Србија.

„Го усогласуваме и системот за транзит. Со тоа ќе може да отворите транзитната постапка во нашата држава и да ја затворите во Хамбург. На почетокот на следната година очекувам да се потпише и договорот за меѓусебно признавање на кантарските белешки со Србија. Ова значи дека ако камион се мери на вага во Прешево нема да има потреба да се мери кај нас и обратно“, вели Богоев. 

За подобрување на условите за водење бизнис клучно е и сузбивање на шверцот. Во овој дел Богоев рече дека паралелно се работи на неколку проекти.

Се доекипира тимот на Секторот за посебни истражни мерки, од следниот месец ќе започне воведувањето на систем на паметни камери на граничните премини, на најфреквентните премини ќе се поставуваат и телесни камери, а со грант од Кореја ќе се имплементира и систем за анализа на ризик и податочен склад што со помош на вештачка интелигенција ќе користи голема база на податоци за селекција на сомнителни декларации.

Со почит,

Царинска управа

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Царинска управа

 

Остани поврзан