• понеделник, 23 декември 2024

Блиц: Европскиот пат на Србија можат да го закочат Хрватска, Романија и Бугарија

Блиц: Европскиот пат на Србија можат да го закочат Хрватска, Романија и Бугарија
Белград, 25 јуни 2021 (МИА) - Србија започна преговори со ЕУ пред повеќе од седум години, до ѕвездата на знамето на ЕУ има уште многу да се работи, а на тој пат може да не запре Хрватска, пред се поради границата и исчезнатите лица, Романија поради малцинствата и користењето на Дунав, како и Бугарија со која го решаваме прашањето за националните малцинства, анализира белградски Блиц, јави дописникот на МИА од Белград. - Пред три дена, хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман и порача на Србија дека има уште многу да направи пред да влезе во ЕУ и го наметна признавањето на геноцидот во Сребреница како еден од условите, иако нашата држава се изјасни по тој повод. Овој случај ни послужи да ги испитаме сите нерешени билатерални прашања што ги има Србија, и соодветно на тоа, кои земји, доколку одлучат да го сторат тоа, може да и подготват непријатно изненадување на Србија и да ги блокираат преговорите со ЕУ, пишува Блиц. Ова е во спротивност со ставот на ЕУ дека билатералните прашања не се вклучени во процесот на проширување, но сведоци сме дека блокади или обиди за блокада постојано се случуваат во пракса, забележува Сузана Грубјешиќ од Центарот за надворешна политика. - На пример, Хрватска привремено ја блокираше Србија да го отвори поглавјето 26 (култура и образование) поради образованието на националните малцинства, а Романија и Бугарија имаа слични забелешки, иако тие не се приклучија официјално на блокадата. Постои спор со Хрватска околу јазикот на Буњевците затоа што Собранието на градот Суботица го призна како официјален. Прашањето за демаркација на границата на Дунав често се поставува и проблемите на исчезнатите, потсетува таа. Во пракса, никогаш не можете да бидете сигурни дека некое билатерално прашање, дури и ако не е толку важно на меѓународно ниво, нема да стане значајно прашање во политичкиот живот на членка на ЕУ, а потоа да постане и проблем во проширувањето. Ваквата практика мора да се прекине сега или проширувањето и политиката на ЕУ кон Балканот, а со тоа и нејзините геополитички аспирации немаат светла иднина, забележува Владимир Меџак од Европско движење во Србија. „Може да има проблем и со Романија, кога ќе се отвори кластерот поврзан со екологијата“, вели Душан Јањиќ, директор на Форумот за етнички односи. - Со Романија остана отворен проблемот со Ѓердап и нееднаквото учество во регулирањето на водотеците на Дунав. Затоа треба да очекуваме дека ова прашање ќе се појави кога ќе се отвори кластерот околу екологијата и дека Романија бара сериозно да се справиме со тоа, забележува Јањиќ. „Ова не се единствените камењчиња во чевелот“, вели Марко Савковиќ, извршен директор на белградскиот Фонд за политичка извонредност. - Може да се очекуваат проблеми со Романија и Бугарија, во врска со статусот на бугарското, односно влашкото (или романско, како што смета Букурешт) малцинство, и таму мора да работиме проактивно, бидејќи, во суштина, односите меѓу нашите влади се добри. Мора да работиме проактивно и со цел да ги избегнеме проблемите со кои сега се соочува Северна Македонија, сосема незаслужено, посочува Савковиќ. Важен дел од тоа се однесува на барањето за проширување на надлежноста на Романската православна црква. Надлежноста сега важи само за Банат, но се бара да се прошири и на истокот на Србија. Демонстративната вежба за тоа што се може да се случи е ветото што ја потресе ЕУ, она што Софија го стави пред Скопје, поради несогласувања дали Гоце Делчев е бугарски или македонски херој, спор околу тоа дали македонскиот јазик постоел пред 1944, како и дали пред таа година Македонците постоеле како народ. Поради сите овие нерешени прашања, извештајот за проширувањето кон Западен Балкан не беше усвоен, што беше своевиден преседан, бидејќи досега во историјата на ЕУ се нема случено заклучоците на Советот на министри на ЕУ да бидат блокирани. Меџак посочува дека билатералните прашања можат да бидат проблем и дека на ЕУ тоа и порано и било јасно. - Затоа Јункер јасно истакна во 2018 година дека ова прашање треба да се реши преку меѓународните судови со цел процесот на проширување да ги олесни билатералните прашања. И Хрватска и Словенија го решија проблемот со упатување на прашањето на Пиранскиот залив на меѓународна арбитража. Ако ова стане начин на билатерални прашања, тогаш проширувањето станува невозможна мисија затоа што секоја земја има некаков проблем со соседите. Долгогодишните проблеми на Македонија денес го покажуваат тоа многу болно и дека на овој начин се доведува во прашање целата политика на ЕУ кон Западниот Балкан и проширувањето, заклучува Меџак за Блиц. об/паг/

Остани поврзан