• недела, 22 декември 2024

Блинкен: Русија ги обучува севернокорејските војници во артилерија, беспилотни летала

Блинкен: Русија ги обучува севернокорејските војници во артилерија, беспилотни летала

Вашингтон, 1 ноември 2024 (МИА) -  САД очекуваат пристигнување на севернокорејската армија во руската област Курск во следните неколку дена, изјави шефот на американската дипломатија Антони Блинкен, повикувајќи ја Кина да го искористи своето влијание и да го заузда Пјонгјанг.

Блинкен рече дека Русија ги обучува севернокорејските војници во артилерија, беспилотни летала и основни пешадиски операции, со што јасно стави до знаење дека целосно имаат намера да ги користат силите во операциите на првата линија.

Првиот американски дипломат додаде дека во Русија веќе има 10.000 севернокорејски војници, од кои 8.000 се во Курскиот регион, каде што украинските сили сè уште држат голема територија по инвазијата на оваа руска територија во август.

-Севернокорејските војници ќе станат легитимни воени цели доколку влезат на бојното поле, нагласи Блинкен на прес-конференција во Вашингтон со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и јужнокорејските колеги.

„Се уште не сме сведоци на распоредувањето на овие војници во битките против украинската армија, но очекуваме тоа да се случи во наредните денови“, рече тој.

Јужнокорејскиот министер за одбрана Ким Јонг-хјун, исто така, изјави дека Северна Кореја и испорачала на Русија повеќе од 1.000 проектили.

-Испорачани се повеќе од 1.000 проектили, рече Ким Јонг-хјун на прес-конференција во Вашингтон, додавајќи дека Северна Кореја и доставила на Русија и милиони парчиња муниција.

„САД и Јужна Кореја се согласија дека Кина треба да стори повеќе за да ги потисне провокативните дејствија на Северна Кореја“, рече Блинкен, додавајќи дека американските власти неделава имале „тежок разговор“ со Пекинг.

-Мислам дека ним им е добро позната загриженоста што ја имаме, и очекувањата, и со збор и со дело, и дека ќе го искористат влијанието што го имаат за да ги потиснат тие активности, рече Блинкен за кинеските власти.

Пекинг, близок партнер и на Москва и на Пјонгјанг, досега постојано повикуваше на деескалација на сите страни и на политичко решение на конфликтот.сд/
 

Остани поврзан