Блинкен на крајот од најновата блискоисточна турнеја гледа пат кон мирот
- Американски претставници соопштуваат дека тој постигнал скромен успех во обидот да добие широка регионална поддршка за планирање на обновата и управувањето со Газа по завршувањето на војната меѓу Израел и Хамас.
Каиро, 11 јануари 2024 (МИА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ја заврши својата последна итна турнеја на Блискиот исток.
Американски претставници соопштуваат дека тој постигнал скромен успех во обидот да добие широка регионална поддршка за планирање на обновата и управувањето со Газа по завршувањето на војната меѓу Израел и Хамас.
За време на четвртата посета на Блинкен на Блискиот Исток од почетокот на војната, во октомври, арапските и муслиманските земји, кои претходно не сакаа да започнат такво планирање, сега се согласија да го сторат тоа.
Секоја земја што ја посети - Турција, Јордан, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Грција, каде што беше, исто така, ветија дека ќе учествуваат во планирањето, но точниот придонес допрва треба да се одлучи.
Блинкен во Каиро денеска изјави дека за време на претходните посети немало подготвеност да се разговара за „прашањата за денот потоа“ во врска со долгорочната стабилност и безбедност на регионална основа, но дека сега американските партнери се „многу фокусирани“ и сакаат да се занимаваат и со тие прашања.
-Тие се сосема јасно подготвени да преземат чекори за да ги завршат работите, да ги преземат неопходните обврски за иднината на Газа и долгорочниот мир и безбедност во регионот, изјави американскиот државен секретар.
Арапската поддршка, сепак, не зависи само од завршувањето на конфликтот, туку и од отворањето на патот за создавање независна палестинска држава, на што се противи израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Американски претставници, под услов да останат анонимни, изјавија дека разговорите во вторник на Блинкен во Израел биле најтешките во оваа негова последна посета на регионот.
Израел, меѓутоа, се согласи да дозволи на тим од инспектори на ОН да го посетат северниот дел на Газа за да се утврди дали е безбедно таму да се вратат жителите кои избегаа од израелската офанзива.
Покрај ова, клучен план е реформата на Палестинската управа, што беше главна тема на средбата на јорданскиот крал Абдула Втори, претседателот на Египет и палестинскиот претседател Махмуд Абас, во средата во Акаба на Црвеното Море.
Блинкен изјави дека Палестинската управа ветила дека ќе спроведе реформи и дека промените ќе вклучуваат нова технократска влада, сузбивање на корупцијата, судски реформи и олеснување на медиумските ограничувања.
Американскиот државен секретар оцени дека зајакнувањето на безбедноста на Израел и создавањето палестинска држава се најдобриот начин да се спречат нападите на регионалните сојузници на Иран, како што се Хамас, либански Хезболах, јеменските Хути и разните милиции кои ги напаѓаат американските и странските интереси во Ирак и Сирија.
„Другиот начин е да се продолжи со тероризмот, негирањето и уништувањето од Хамас, Хутите, Хезболах, сите поддржани од Иран“, рече Блинкен.
фото:МИА архива