• петок, 15 ноември 2024

Блинкен го повика Израел да ги поштеди палестински цивили во војната против Хамас

Блинкен го повика Израел да ги поштеди палестински цивили во војната против Хамас

Тел Авив, 9 јануари 2024 (МИА) – Шефот на американската дипломатија, Ентони Блинкен вечерва во Тел Авив го повика Израел да ги поштеди палестинските цивили во војната против Хамас во Појасот Газа, оценувајќи дека цивилите, особено децата, платиле „превисока“ цена.

Според Блинкен, во разговорите што ги водел Израел го прифатил принципот на „мисијата за проценка“ на ОН за ситуацијата на северот на палестинската територија со цел враќање на раселените.

Конфликтот во неделата влезе во четвртиот месец и, и покрај бројните дипломатски напори, се чини дека крајот не е на повидок, со предупредување од ОН за катастрофални услови за живот на населението на опколената територија.

Блинкен, чија земја е главен сојузник на Израел, му ја потврдил на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху својата поддршка за правото на Израел да спречи повторување на нападот од 7 октомври, истовремено инсистирајќи на „важноста да се избегне понатамошна штета на цивилите“ во Газа, информира Стејт департментот.

- Цената што ја плаќаат цивилите во Газа секој ден, особено децата, е превисока“, рече Блинкен на прес-конференција, истакнувајќи дека палестинската територија треба да добие „повеќе храна а и нема повеќе вода, нема повеќе лекови“.

Блинкен го повика Израел „да престане да презема дејствија што ја поткопуваат способноста на Палестинците сами да управуваат со себеси“.

Војната меѓу Израел и Хамас беше предизвикана од напад без преседан на терористичката организација од Појасот Газа на 7 октомври на израелска територија во кој загинаа околу 1.140 луѓе, главно цивили.

Како одмазда, Израел, кој се закани дека ќе го уништи Хамас, кој е на власт во Појасот Газа од 2007 година, почна офанзива на палестинска територија, со масовни бомбардирања и копнени операции. јт/

Фото: Блинкен на Х

Остани поврзан