• понеделник, 23 декември 2024

Блинкен во Џеда се сретна со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман

Блинкен во Џеда се сретна со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман

Џеда, 7 јуни 2023 (МИА) – Шефот на американската дипломатија, државниот секретар Ентони Блинкен, во Џеда имаше средба со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман со кого разговараа за човековите права, изјави утринава неименуван американски функционер. 

Средбата во кралската палата почнала околу полноќ по локално време и траела еден час и 40 минути.

-Тие разговараа и за потенцијалната нормализација на односите со Израел и се согласија да го продолжат дијалогот во овој поглед, рече американскиот функционер.

Разговорот бил „отворен и искрен“, а Блинкен го покренал и прашањето за човековите права, наведува изворот.

-Состанокот ја потврди нашата посветеност за унапредување на стабилноста, безбедноста и просперитетот на Блискиот Исток и пошироко, рече портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

Американскиот државен секретар синоќа пристигна во Џеда, на Црвеното Море. Целта на посетата на Саудиска Арабија е затоплување на односите на САД со кралството.

Односите меѓу САД и Саудиска Арабија се затегнати по атентатот во 2018 година на колумнистот на „Вашингтон пост“, Џамал ​​Кашоги, за кое Вашингтон верува дека било нарачано од саудискиот престолонаследник. сд/

фото: архива

Остани поврзан