Блинкен во посета на Блиски Исток
- Американскиот државен секретар Ентони Блинкен викендов ќе ги посети Египет, Израел и Западниот Брег, соопшти денеска Стејт департментот
Вашингтон, 26 јануари 2023 (МИА) – Американскиот државен секретар Ентони Блинкен викендов ќе ги посети Египет, Израел и Западниот Брег, соопшти денеска Стејт департментот.
Предвидено е Блинкен в недела во Каиро да се сретне со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, а в понеделник ќе ги посети Ерусалим и Рамалах, а во вторник ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас, објави Стејт департментот.
Посетата беше во планирана со недели, но денешната израелска воена акција во бегалскиот камп Џенин на окупираниот Западен Брег, во која загинаа девет Палестинци, се очекува да биде главна тема на разговорот во Ерусалим и Рамалах.
Блинкен е вториот висок американски функционер кој ќе го посети Израел оваа година по советникот за национална безбедност Џејк Саливан, бидејќи расте загриженоста на САД поради насилството и плановите на новата десничарска Влада на Бенјамин Нетанјаху.
Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс најави дека Блинкен ќе ја нагласи итната потреба за намалување на тензиите со цел да се запре циклусот на насилство.