• недела, 24 ноември 2024

„Блакцето на баба“ - потсетување на старинските македонски слатки

„Блакцето на баба“ - потсетување на старинските македонски слатки

Велес, 22 февруари 2023 (МИА) - Во организација на Здружението на пензионери од Велес и Активот на жени пензионерки денеска во хотелот „Кај Жика“ во Росоман по 28 пат се одржа традиционалната забавно-хуманитарна манифестација „Блакцето на баба“.

На манифестацијата со свои старински македонски блага, меѓу кои разни баклави, гурабии, равании, фурми, алви, ванилички, домашни торти, кајмаци и други домашни блага, учествуваа жени од 29 активи на жени пензионерки од 29 градови во земјава. Како гости присутни беа и пензионери од 29 општински пензионерски здруженија од земјава.

Благојка Настова, претседателка на  Активот на жени пензионерки при Здружението на пензионери од Велес, информира дека манифестацијата има за цел иницирање на подготовка на стари македонски блага по рецепт од нашите мајки, баби и прабаби од минатото до денес, односно да не бидат заборавени и да се пренесат на младите домаќинки и тие да научат да ги подготвуваат за своите семејства.

- Да го зачуваме она што е наше да се идентификуваме како македонска нација сосема различна од другите, да ја продолжиме традицијата за да не се изгубат корените од нашето дамнешно постоење. Да ја зачуваме нашата традиција на македонските жени за подготовка на вкусни македонски блага, а  истовремено да бидеме и хумани, потенцира Настова.

Манифестацијата беше збогатена со музика и дружба меѓу пензионерите и пензионерките од 29 македонски градови. На сите активи на жени пензионерки при здруженијата на пензионери кои денеска беа учесници на манифестацијата, организаторот им врачи благодарници.

Настова информира дека и годинава собраните парични  средства од продажба на карти за манифестацијата ќе бидат наменети за хуманитарни цели. Тоа годинава ќе биде за помош на стари и изнемоштени лица - пензионери членови на Здружението на пензионери.ад/

Остани поврзан