• вторник, 13 јануари 2026

Биљали Зендели: Договорот за национален напредок обезбедува развој, социјална еднаквост и прогрес

Биљали Зендели: Договорот за национален напредок обезбедува развој, социјална еднаквост и прогрес

Скопје, 26 декември 2025 (МИА) - Потпретседателката на Демократската унија за интеграција, Арта Биљали Зендели на денешната прес-конференција истакна дека Договорот за национален напредок, кој произлезе од петтиот Конгрес на партијата, обезбедува развој, социјална еднаквост и прогрес.

-Договорот за национален напредок се предлага како заедничка платформа каде што домашни и меѓународни експерти, политиката, граѓанското општество, бизнисот и академската заедница ќе се обединат за да изградат консензус за теми како што се развојот, економијата, образованието, здравството, квалитетот на животот и други области од животот на граѓаните. Овој Договор нема за цел да се управува со стравот, туку да создаде надеж. Нема за цел да произведува конфликти, туку можности. Нема за цел да го зачува статус-квото, туку да отвори перспектива за генерациите кои денеска ја напуштат земјата, рече таа.

Биљали Зендели нагласи дека Конгресот на ДУИ го упатува овој повик со уверување дека на земјата, како што рече, не и се потребни повеќе непријатели, туку повеќе договори, не повеќе поделби, туку повеќе напредок. Потенцира дека ова е моментот да се прекине синџирот на апатијата и да се изгради нов национален консензус за напредок.

Потпретседателката на ДУИ потенцира дека оваа иницијатива не е партиска или етничка, туку, како што рече, сеопфатна надпартиска платформа, која вели ќе овозможи национален напредок.

-Оваа иницијатива не е партиска, не е етничка. Таа е над сето тоа. Таа е сеопфатна платформа над партиите, над вештачките конфликти и над наративите на стравот. Со години земјата се држи како заложник на фиктивни стравови, на имагинарни непријатели и на намерно создадени поларизации само за да се зачува или да се освои власта. Овој модел произведе стагнација, недостаток на перспектива и масовна емиграција, рече Биљали Зендели. фф/вг/

Фото: Принтскрин од видео

Остани поврзан