• недела, 22 декември 2024

Битолскиот градоначалник во посета на првите новороденчиња во 2022

Битолскиот градоначалник во посета на првите новороденчиња во 2022

Битола, 1 јануари 2022 (МИА) - Во првата ноќ од новата година во Битола се родија четири новороденчиња од кои три во Клиничката болница и едно во приватната болница „Плодност“. Првороденото бебе е машко чие име е Алексеј, а се роди во Клиничка болница две минути после полноќ. Другите две бебиња родени таму се девојчиња, а новороденото во болницата „Плодност“ е машко дете.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски при денешната посета на двете болници, на првороденото дете му подари 10.000 денари, а на другите три по 6.000 денари, како и пакет производи неопходни за мајките и новороденчињата во следниот период.

- Нека ни е среќна и бериќетна новата година. Првото бебе е машко. Искрени честитки за мајката, за нејзиното второродено дете, прво во оваа година, честитки и за мајките на другите три дечиња, кои не израдуваа во ова прекрасно јануарско утро. Годината добро почна, се надевам дека така и ќе биде. Наша интенција е како локална самоуправа да помогнеме секаде каде што можеме. Да си посакаме пред се за младите, подобри услови за живот, за работа во Битола, да останат тука, да имаме што повеќе принови во оваа година. Уште еднаш, искрени честитки до родителите, а до младите: Останете во Битола, Битола има услови за развој, рече Коњановски, при денешната посета на првородените во новата година. мт/нд/

Остани поврзан