Битиќи: Треба сега да го искористиме геполитичкиот моментум за Западен Балкан да биде онаму каде што припаѓа
- Мислам дека сега, треба да го искористиме моментумот на геополитичко влијание за Западен Балкан да биде онаму каде што припаѓа, во ЕУ, порача заменик-претседателот на Владата на Северна Макед
Делфи, 8 април 2022 (МИА) – Мислам дека сега, треба да го искористиме моментумот на геополитичко влијание за Западен Балкан да биде онаму каде што припаѓа, во ЕУ, порача заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи за време на панел дискусија на Делфи економскиот форум, јави дописничката на МИА од Атина.
За да ја истакне важноста на европската перспектива на земјата, вицепремиерот посочи дека за 20 години, пола милион граѓани се отселиле, додека за тоа како ја гледа иднината на регионот рече „целосно интегрирани во Европската Унија, со цврсти синџири на набавки кои не се зависни од далечните источни пазари, со силни економии кои носат добар живот за нашите граѓани“.
-Нашите земји посветено работат за да ги постигнат европските стандарди, но време е да се тргнат пречките на нашиот европски пат, подготвени сме, порача вицепремиерот.
Во однос на Договорот од Преспа, рече дека „не треба да се гледа како алатка, туку е начин, конфликтот да се пренесе во можност, во предизвик и почеток на соработка“.
-Договорот од Преспа треба да се гледа како модел за постигнување договори и носење просперитет за двете земји, но носи и можност, рече вицепремиерот Битиќи и го спомена учеството на Северна Македонија во проектот за терминал за течен природен гас во Александруполи, велејќи дека тоа е она што го донесе договорот меѓу двете земји.
Истакна дека сега, поради војната, станува јасно дека учеството во овој проект е можност за сите нас.
За одговорот на регионот во справувањето со Ковид кризата, вицепремиерот истакна дека лично за него е предизвик, а не проблем и посочи дека борбата со пандемијата „забрза некои процеси кои беа неопходни и кои можеби требаше да започнат порано“.
Вицепремиерот Битиќи, на панел дискусијата за стабилноста на Западен Балкан, учествуваше заедно со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград- Приштина и Западен Балкан Мирослав Лајчак, со заменик- помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар, со поранешниот специјален претставник на САД, Курт Волкер и претседателот на трговската и индустриска комора на Србија Марко Чадеж.
Заменик- помошникот државен секретар на САД, меѓу другото, порача дека според него, актуелната криза може да ги приближи земјите од Западен Балкан до ЕУ. ср/бак/
Фото: МИА