• четврток, 07 ноември 2024

Битиќи: Стапката на инфлација наскоро ќе биде едноцифрена, струјата не треба да поскапи

Битиќи: Стапката на инфлација наскоро ќе биде едноцифрена, струјата не треба да поскапи

Скопје, 19 јуни 2023 (МИА) - Стапката на инфлација наскоро ќе биде едноцифрена, се бара системско решение за сите вработени во јавниот сектор, а цената на струјата не треба да се зголеми и Владата ќе стори се во таа насока. Ова се само некои од пораките што ги упати вечерва вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Во гостувањето на Македоската телевизија, Битиќи се осврна и на коридорите 8 и 10д.

-Фактите говорат дека од октомври кога го имавме пикот на инфлацијата од 19,8 отсто, трендот на намалување на инфлацијата, заради различните мерки, но и севкупните геополитички случувања, направија во последниот месец да се спушти на 11,3 отсто, рече Битиќи додавајќи дека реален е оптимизмот брзо да има едноцифрена стапка на инфлација, бидејќи стапката на намалување кај нас е поголема од таа во еврозоната.

Според него, не може да се занемари фактот дека и во јавниот сектор платите во изминатите шест години се зголемени во различни сектори од 20 до 45 отсто што не се случувало наназад низ годините. Се бара, дополни, системско решение за сите вработени во јавниот сектор.

-Кога наназад со години вие упорно сакате државата да ја ставите на исто рамниште со Кина, Индонезија и други земји, и викате дека овде има евтина работна сила, веројатно последицата е она што ни се случува денес. Ние сме многу блиску со методологијата. Се обидуваме оваа недела да закажеме Економско социјален совет да го предложиме новиот модел. Мислам дека ќе го отвориме за јавноста, за јавноста да види што реално дискутираме, за да нема различни интерпретации од синдикатите или другите чинители дека сме понудлиле ова или не. Ние велиме методологија, што ќе биде одржлива, со период на прилагодување, но со јасна цел за нашите сограѓани кои се во јавниот сектор, кај ќе стигнат со платите за одредена години, нагласи Битиќи, додавајќи дека нема магичен стап кој ќе ги реши проблемите за 24 часа, треба трпение, дијалог и консензус за решенија коишто се одржливи, истакна Битиќи.

Во врска со цената на струјата, како што рече Битиќи, оптимизмот се должи на тоа што се покажало дека ако малку подобро се организираме можеме да го зголемиме и домашното производство.

-Сметам дека тоа што требаше законски да се случи, да се врати ДДВ од 10 на 18 проценти може да има мало вијалние, но правиме напори влијанието да е навистина многу мало, порача Битиќи.

Започнување на работа на терен за реализација на најголемиот инфраструктурен проект во државата, за изградба на коридорите 8 и 10 Д, Битиќи очекува за неколку месеци.

-Динамиката е таква, во првите неколку месеци се прават испитувања на подлогите, се прават проектите и се носат на одобрување за да почне реалната реализиција. Се прават финалните подготвки за Тетово-Гостивар и Прилеп-Битола, реално очекувам за 2-3 месеци да видиме работа на терен и кога ќе почне нема да застане, таква е динамиката на оваа компанија да биде брза во изградбата на автопатските решенија, рече Битиќи, додавајќи дека според договорот 51 процент од подизведувачите треба да бидат домашни и тоа со должно внимание ќе се следи. мч/лв/

фото: МИА архива

Остани поврзан