• сабота, 16 ноември 2024

Битиќи: Општествената одговорност носи шанса за развој и подобра иднина на младите

Битиќи: Општествената одговорност носи шанса за развој и подобра иднина на младите

Скопје, 21 февруари 2023 (МИА) - Денеска можеме да ги поставиме темелите на општествената одговорност чии плодови ќе ги уживаат идните генерации, што всушност е наша обврска кон нив. Настанот за кој се собравме, доделување на стипендии за студенти, ја истакнува филантропијата на нашите бизнисмени, која е позната и како „општествена одговорност на корпорациите“, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на доделување на стипендии за додипломски студии во организација на фондацијата „Албиз“.

Покрај зголемувањето на репутацијата на компаниите, потенцира тој, општествената одговорност на корпорациите и помага на заедницата да добие квалитетно образование, кое денес претставува главната алатка во борбата против сиромаштијата, правејќи ги луѓето способни за пазарот на трудот.

-Тоа најдобро ја илустрира синтагмата „да ги научиш младите да рибарат, а не само да им дадеш готова риба“, рече Битиќи и додаде дека 175-те студенти на кои вечерва им се доделуваат стипендии најверојатно утре ќе бидат носители на општествените и економските процеси во државата.

Вицепремиерот истакна дека образовниот процес бара заедничко партнерско делување од Владата и од бизнисите.

- Ние не бегаме од нашите обврски за да создадеме услови за квалитетно образование. Република Северна Македонија внимателно ги следи меѓународните трендови заедно со Агендата 2030 каде, меѓу другото, филантропијата е еден од клучните механизми за поттикнување на развојот, па со измените на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, ќе бидат овозможени даночни олеснувања за донации од компании, вети Битиќи.

Тој посочи дека „Албиз“ веќе една деценија доделува стипендии и нагласи дека стипендираните студенти се со различна етничка припадност, што, како што рече, создава еднакво општество за сите, општество на солидарност кое интегрира и нуди можности.

- Апелирам дуалното образование да биде клучот на нашиот процес на учење, бидејќи ова е проблематика која не можеме да ја адресираме само од една страна.  Денес, бизнисмените се жалат дека огромното мнозинство од невработените немаат соодветни квалификации и како такви не се конкурентни на пазарот на труд. Затоа велам дека нашите планови за реформа на образовниот систем преку воведување на дуално образование за создавање поподготвени кадар во иднина, не може да се направи без ваше вклучување во процесот, рече Битиќи.

Преку дуалното образование, додаде вицепремиерот, студентите добиваат реална пракса во компаниите, додека паралелно посетуваат и стручно училиште или факултет.

-Тоа ги развива практичните вештини што ги барате како работодавач, она што Германија или Швајцарија долго време го спроведуваат како образовен модел, па зошто да не научиме од најдобрите, потенцира Битиќи.вј/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан