• понеделник, 23 декември 2024

Битиќи за ICSID: Номинирањето не значи и ангажман, со вицепремиерот од претходната власт имаме само различни презимиња по етникум

Битиќи за ICSID: Номинирањето не значи и ангажман, со вицепремиерот од претходната власт имаме само различни презимиња  по етникум

Скопје, 3 ноември 2023 (МИА) - Единствената разлика меѓу мене и вицепремиерот за економски прашања од претходната Влада е моето презиме наспроти неговото. Има ли друга разлика? Јас не гледам ништо друго освен тоа - двајцата носиме иста функција, двајцата сме политички активни. Но, имаме презимиња кои по етникум се различни. Можеби тоа е единствениот проблем, ама јас тоа не го кажувам зашто во моето опкружување постојат само луѓе.

Вака денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи одговори на новинарско прашање дали размислува да се повлече од позицијата во Арбитражното тело за инвестициски спорови ICSID на кое е номиниран од Владата, зашто за ова место не треба да извршува и политичка функција, а тој моментно е потпретседател на СДСМ.

Битиќи нагласи дека без проблем ќе отстапи ако јавноста смета дека тоа е проблем да не ја претставува адекватно државата од позиција на вицепремиер.

Како што објасни, праксата на номинирање владини членови во Арбитражното тело е иста веќе 15 години, а номинирањето не значи и ангажман. 

-Искрено, не го разбирам прашањето. Но, тоа уште повеќе ме мотивира дека во нашата држава конечно треба да зборуваме за луѓе и за нивната лична одговорност, а не под превезот на колективизмот. Прашањето што го поставувате е процедура која постои наназад 15 години и во рамки на која Владата од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања номинира одредени лица за Арбитражното тело за инвестициски спорови. Така било и пред 10 години, така е и денес, уште повеќе што денес е на поорганизиран начин зашто има Координативно тело за следење арбитражни постапки. Во претходниот мандат тоа бил друг вицепремиер кој бил политички активен. Тоа не значи дека номинирањето значи ангажман и за секој ангажман понатаму секој поединечно кажува дали е независен во одлучувањето. Претпоставката е дека можеби хипотетички некогаш ќе биде ангажиран некој што е номиниран, но веројатноста е дека никогаш нема да биде ангажиран зашто ако видите кои биле номинирани, освен една дотична госпоѓа, ниту еден друг од седумте номинирани, не бил ангажиран, истакна Битиќи.

Тој го праша новинарот која е целта на ваквото прашање. Воедно потсети дека пред да биде политички активен, бил доволно номиниран каде што требало. 

-Нема никаква лоша одлука. Кажете, која е целта? Што треба да направам? Нема никаков проблем, мене очекувањето ми е најмалку битно во овој момент - дали некој ќе ме номинира некаде, зашто пред животот во политиката сум бил доволно номиниран каде што требало. И без да ме номинираат, сам сум се изборил. Ако смета јавноста дека тоа е проблем да не ја претставувам адекватно државата од позиција на вицепремиер, нема проблем, ќе се отстапи. Но, треба да кажеме дали имаме доволно подобни луѓе кои ќе ја претставуваат државата и за кого тие треба да бидат подобни, рече Битиќи во одговор на новинарско прашање по промоцијата на проектот „Зелен финансиски инструмент за подобрување на квалитетот на воздухот и борба со климатските промени во Северна Македонија“. мч/лв/

фото: МИА архива и МИА

Остани поврзан