• понеделник, 23 декември 2024

До крајот на годинава ќе нема дополнителен час евтина дневна тарифа, не се очекуваат драстични промени на цената на струјата

До крајот на годинава ќе нема дополнителен час евтина дневна тарифа, не се очекуваат драстични промени на цената на струјата

Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) – Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски денеска потврди дека до крајот на годинава нема да се воведе дополнителен час евтина дневна тарифа на електричната енергија и истакна дека не очекува да има драстични промени на цената на струјата по 1 јануари. 

 -Ги направивме анализите и добивме интересни податоци, но и доста контрадикторни пред се поради случувањата со цените коишто беа во текот на летото. Услови за воведување на евтина тарифа според податоци за 2021, 2022 и 2023 година немало кога започнала и пенетрацијата на фотоволтаиците, но она што е јасно како тренд во првите девет месеци од оваа година е дека најниски цени на пазарот во секој час имаме во периодот од 12 до 16 часот, значи тоа се цени на берзата  ХУПЕКС под 50 евра за мегават час. Постои апсолутно можност за воведување не за еден, туку за уште еден час евтина дневна тарифа, изјави Бислимоски на паузата на состанокот на Експертска мисија TAIEX за транспонирање на законодавството на ЕУ за електрична енергија чиј коорганизатор е РКЕ.

Но, посочи, за жал, на пазарот од 20 часот до 24 часот цените се убедливо високи во споредба со сите останати периоди кога имаме и евтина тарифа и скапа тарифа.

-Доколку би го следеле пазарот тогаш воведување на евтина тарифа би било од 12 до 16 часот, но ќе треба да се укине евтината тарифа што ја имаме од 22 до 24 часот кога имаме реално високи цени. Тоа е значи удар којшто го добивме заради случувањата со цените во регионот, посочи Бислимоски. 

Ние како РКЕ, потенцира  нема да се откажеме од воведувањето дополнителна евтина тарифа. 

-Ќе ги следиме случувањата, но со воведувањето дополнителна евтина тарифа не сакаме да предизвикаме дополнителни финансиски проблеми пред се во ЕСМ затоа што со таа евтина тарифа, во тие евтини периоди, ќе се зголемува потрошувачката и ќе треба да се надомести. Во изминатите 10-ина дена одржавме неколку состаноци со ЕСМ и со ЕВН Хоум и од нивна страна нема забелешки и тие се за воведување дополнителна евтина тарифа кога ќе се оствари реална можност да се имплементира дополнителна час на евтина тарифа. Заеднички заклучивме дека ќе ја следиме ситуацијата имајќи во предвид дека ќе имаме сериозни навестувања и за зголемување на цените на електрична енергија во Европа започнувајќи од јануари, рече Бислимоски. 

Како РКЕ, додаде, не сакаме да работиме популистички, туку сакаме да обезбедиме секторот за електрична енергија во наредниот период финансиски да се стабилизира, да застане на нозе, бидејќи помина низ тешка енергетска криза започнувајќи од 2021 година. 

-Факт е дека ЕСМ работи со загуби и мора да помине период за да се консолидира и не сакаме со овие одлуки сега уште повеќе да ја влошиме нивната финансиска ситуација. Така што, во оној момент кога ќе се создадат тие услови кога ќе имаме едни порелаксирани услови на пазарите на електрична енергија ќе воведеме дополнителен час или два евтина тарифа во текот на денот, посочи Бислимоски.

Смета дека негативно би било прифатено од потрошувачите доколку сега би ги укинале двата часа евтина тарифа коишто се од 22 до 24 часот заради навиките кои се воспоставени кај луѓето повеќе од 40 години.

-Не сакаме да предизвикаме никакви проблеми. Тоа што си е од 22 до 24, од 00 до 7 часот наутро и цел ден недела и понатака ќе си остане и сметам дека реално ако ние тие два часа од 22 до 24 ги ставиме во скапа тарифа граѓаните ќе имаат помалку бенефит отколку што го имаат тоа сега во моментов. Затоа до крајот на годината нема да воведеме дополнителна евтина тарифа, истакна Бислимоски.

Порача дека РКЕ веќе ги добила барањата за цената на електричната енергија по 1 јануари од Електродистрибуција за дистрибуција на електрична енергија, од МЕПСО за пренос на електрична енергија и од МЕМО за оператор за пазар на електрична енергија. 

-Најбитните елементи ќе бидат набавката на загубите на електрична енергија коишто треба да ги направат МЕПСО и Електродистрибуција, тие ќе се направат во наредниот период, така што во овој момент не сакам да шпекулирам и неблагодарно е да кажувам дали ќе се зголеми или ќе се намали цената на електрична енергија. Дополнително ЕВН Хоум треба да распише тендер за набавка на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. На тој тендер треба да видиме колку проценти ќе обезбеди ЕСМ, дали ќе се обезбедува од слободниот пазар, по која цена ќе се понуди, значи тоа се работи на пазарот. Кога ќе ги знаеме резултатите како и секогаш ќе ја информираме јавноста. Сепак, не очекувам какви било драматични шокови, потенцира Бислимоски.

Посочи дека продолжува трендот голем број од малите потрошувачи коишто беа на регулираниот пазар да излегуваат и да се враќаат назад на слободниот пазар каде што во изминатиот период цените беа пониски.

-Реално е тие потрошувачи да си одат на слободен пазар кога има подобри финансиски услови за набавка на електрична енергија и на тој начин и ние како РКЕ испративме сигнал малку по малку ЕСМ да го растоваруваме од обврски да обезбедува електрична енергија по 60 евра за мегават час, рече Бислимоски.вј/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан