• петок, 22 ноември 2024

БИРН: Најмалку 130 деца од Западен Балкан се уште во камповите во Сирија

БИРН: Најмалку 130 деца од Западен Балкан се уште во камповите во Сирија
Хаг, 22 февруари 2021 (МИА) - Најмалку 130 деца од Западен Балкан се уште се во бегалски кампови во Сирија, настанати по падот на терористичката Исламска држава (ИД), а нивниот процес на враќање е многу бавен или целосно блокиран, објави денеска Балканската истражувачка мрежа (БИРН). Мрежата, специјализирана за следење на судските процеси и правните прашања, потсети дека на почетокот на февруари, Обединетите нации ги повикаа државите да обезбедат враќање на своите граѓани од пренатрупаните кампови во североисточна Сирија. Се проценува дека приближно 27.000 бегалци престојуваат во овие кампови, формирани по поразот на Исламската држава, од кои 19.000 се од Ирак и 8.000 од други земји, вклучувајќи ги и оние од Западен Балкан. Според БИРН, меѓу 130-те деца од регионот кои биле однесени таму од родители кои се приклучиле на ИД, повеќето од нив, околу 70, се од Босна и Херцеговина, додека од Албанија се 40 деца. Владата на Северна Македонија располага со информации дека сега во бегалските кампови има дваесетина деца кои чекаат за враќање во нивната матична земја, а Црна Гора има податоци за две деца од таа земја кои се наоѓаат во слична ситуација. Во 2020 година, Северна Македонија усвои национална програма за интеграција и ресоцијализација на повратниците од Сирија и Ирак, преку која треба да поминат околу 150 лица, од кои 80 досега се вратени во земјата, а 27 се гонети за учество во терористички активности . Десет лица се вратија во Црна Гора и сите се под посебен надзор на властите во таа земја. Нема податоци за српски граѓани поврзани со Исламската држава, но БИРН проценува дека во моментот во логорите во Сирија има најмалку 20 лица. паг/  

Остани поврзан