• вторник, 05 ноември 2024

Обвинителот Абази на средба со главниот обвинител на Косово, Блерим Исуфај

Обвинителот Абази на средба со главниот обвинител на Косово, Блерим Исуфај

Скопје, 30 август 2023 ( МИА) - Основниот јавен обвинител Ислам Абази оставри средба со главниот обвинител на Специјалното обвинителство на Република Косово, Блерим Исуфај.

На средбата, како што соопштија од Јавното обвинителство, двајцата обвинители дискутирале околу организацијата и функционирањето на двете обвинителства и нивните надлежности, како и за меѓународната соработка и потребата од  зајакнување и продлабочување во интерес на владеењето на правото во регионот.

-Во бројни случаи имаме пракса за директна комуникација и соработка помеѓу обвинителствата во соседните држави и државите во ЕУ, а сѐ со цел да се прибават докази, да се забрзаат постапките за меѓународна правна помош, како и да се реализираат заеднички истраги. Оваа соработка е секогаш во согласност со националното законодавство и прописите на меѓународното право. Ние сме отворени за соработка и се трудиме да им излеземе во пресрет на земјите баратели, а се со цел сторителите на кривичните дела за кои се водат постапки да бидат изведени пред лицето на правдата и да ги добијат заслужените казни. Уверен сум дека оваа средба ќе придонесе ваквата директна соработка со вашето обвинителство да се продлабочи и во иднина заеднички да остваруваме видливи резултати, со кои ќе можеме заеднички да се пофалиме, истакна Абази.

Јавната обвинителка Наташа Поп Трајкова, која е дел од делегацијата, ја презентираше улогата на Националната единица за сузбивање на трговија со луѓе и криумчарење миграти со која раководи.

-Во наредниот период ќе се направат напори за обезбедување на ефикасно спроведување на проактивни криминалистички истраги за трговија со луѓе и криумчарење мигранти и врз основа на криминалистичко разузнавање и криминалистичко профилирање, да се идентификуваат организирани криминални групи и сторители со обезбедување валидни докази за сите инволвирани. Ќе се работи на остварување на мерките и активностите на Националната стратегија согласно Акцискиот план и ќе се работи на видливост и градење на доверба​ во Националната единица, што е една од можностите за намалување на црната бројка на жртвите. Од септември започнува нов проект насочен токму на оваа област и имаме можност директно да учествуваме при креирањето на проектните активности и се надеваме дека ќе успееме да направиме барем дел од она што го замислуваме и пред се да го истрасираме патот за одржливост на активностите поврзани со трговија со луѓе и криумчарење мигранти, изјави  Поп Трајкова.

Исто така, на средбата присуствуваа  и  главниот државен обвинител Бесим Кељменди, како и амбасадорот на Велика Британија во Косово, Николас Абот,  кои потенцираа дека  соработката меѓу ефективните, независни институции е клучен елемент за ставање крај на кругот на криминал и корупција. љм/са/

Фото: Јавно обвинителство на РСМ

Остани поврзан