• петок, 22 ноември 2024

Би-Би-Си: Тројца Бугари приведени во Велика Британија, осомничени за шпионажа во корист на Русија

Би-Би-Си: Тројца Бугари приведени во Велика Британија, осомничени за шпионажа во корист на Русија

Софија, 15 август 2023 (МИА) - Тројца бугарски државјани осомничени за шпионирање во корист на Русија се приведени во Велика Британија во рамки на широка безбедносна истрага, јави денеска Би-Би-Си.

Тројцата осомничени беа уапсени во февруари и оттогаш се во притвор. Се вели дека работеле за руските безбедносни служби.

Тие беа обвинети дека поседувале лични документи кои имале намера да ги користат „незаконски“, знаејќи дека документите се лажни. Станува збор за пасоши, лични карти и други документи од Велика Британија, Бугарија, Франција, Италија, Шпанија, Хрватска, Словенија, Грција и Чешка.

Уапсените се Орлин Русев (45) од Грејт Јармут, Норфолк, Бисер Џамбазов (41) од Хароу во северозападен Лондон и Кетрин Иванова (31), која е регистрирана на истата адреса во Хароу. За сите тројца се знае дека со години работеле и живееле во Британија.

Русев имал деловни контакти во Русија. Тој пристигнал во Велика Британија во 2009 година и работел три години во секторот за финансиски услуги. Според неговиот онлајн профил на LinkedIn, тој потоа купил компанија која се занимава со следење на комуникациите и електронските сигнали. Во неговиот профил има и информација дека бил советник во бугарското Министерство за енергетика.

Поранешните соседи во Хароу ги опишуваат Џамбазов и Иванова како двојка. Џамбазов работел како возач во болници, а на онлајн-профилот на Иванова на LinkedIn пишува дека била лаборант во приватна здравствена компанија, пренесува БТА.

Двојката, која се преселила во Британија пред десетина години, раководела со јавна организација која обезбедува услуги за бугарските граѓани, вклучително и запознавање со „културата и нормите на британското општество“. Според информациите од бугарските државни документи на Интернет, тие работеле и за изборни комисии во Лондон, кои го олеснуваат гласањето на бугарските државјани кои живеат во странство.

На тројцата обвинети се очекува да им се суди во Лондон во јануари. Тие се уште не се изјасниле за виновни по обвиненијата.

Лондонската полиција информира дека на 8 февруари биле приведени вкупно пет лица под сомнение дека го прекршиле законот за државни тајни. Потоа, тројца од нив - Русев, Џамбазов и Иванова - биле обвинети за прекршување на Законот за лични документи од 2010 година. Меѓу другите уапсени има неименуван 32-годишен маж и 29-годишна жена, кои живеат во централен и северен Лондон, соодветно, според ТВ Скај њуз.

Сите петмина осомничени за прекршување на Законот за државни тајни подоцна беа ослободени со кауција, иако Би-Би-Си претходно објави дека Русев, Џамбазов и Иванова останале во притвор. Органите на прогонот потенцираат дека на 31 јули во лондонскиот суд се одржа судска седница за случајот со фалсификување документи. Полициската истрага за можно прекршување на Законот за државни тајни е во тек.

Полициската единица за борба против тероризмот вели дека посветува сè повеќе време на истрагата за сомнителни државни закани и шпионажа, особено поврзани со Русија. Загриженоста во оваа област е резултат на случаите од висок профил во последниве години поврзани со руските разузнавачки операции во Велика Британија. ссм/

фото: архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан