• петок, 22 ноември 2024

Бета тестирање на „ВЕКТОР“ алатката за виртуелно собирање докази за идентификација и онеспособување неексплодирани убојни средства

Бета тестирање на „ВЕКТОР“ алатката за виртуелно собирање докази за идентификација и онеспособување неексплодирани убојни средства
Скопје, 31 мај 2022 (МИА) - Во Полицискиот центар во Ѓорче Петров, денеска беше извршено бета тестирање на Алатката за виртуелно собирање докази за идентификација и онеспособување неексплодирани убојни средства „ВЕКТОР“ во рамки на проектот поддржан од Програмата за наука за мир и безбедност на НАТО. „ВЕКТОР“ е двегодишен истражувачки проект што се спроведува во периодот 1 јули 2020 до 30 септември 2022, а кој развива интегрирано решение за идентификување, анализа, класификација и одговор на експлозивни направи со спојување на 3Д фотограметрија, вештачка интелигенција и технологија на зголемена виртуелна реалност. Главната задача на овој проект е да се осврне на безбедноста на земјите членки и партнери на НАТО преку развивање на технолошко решение за документирање, анализа и идентификување на експлозивни направи, пред сè на неексплодирани експлозивни направи (НУС) и импровизирани експлозивни направи (ИЕН). Целта е да се подобрат одговорите на единиците за откривање и деминирање на експлозивни средства и направи (ЕОД) преку овозможување на безбеден и далечински пренос на виртуелни докази до експерти и аналитичари надвор од локацијата, за да се обезбеди анализа во реално време и совети за најдобрите методи за постапување во конкретниот случај. Алатката е изработена во рамките на двегодишниот проект „ВЕКТОР“, спроведуван од конзорциумот предводен од ЦЕНТРИЦ од Обединетото Кралство, во кој се вклучени и Центарот за истражување и технологија на Грција (ЦЕРТХ), Школата за наука и технологија од Сараево (СССТ) и Факултетот за безбедност од Северна Македонија, а во кој крајни корисници се Министерството за внатрешни работи и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заблагодарувајќи се за соработката, во своето воведно обраќање на денешниот настан истакна дека Единиците на безбедносните органи и оние што реагираат при итни случаи се соочуваат со огромни ризици во нивна линиска работа при постапување со експлозивните направи, меѓутоа, со „ВЕКТОР“ таа постапка е многу олеснета. - Сите овие ризици и опасности се реални денес и за големите и развиени земји, што се наши НАТО партнери, но исто така, се голем предизвик и за нас како држава. Токму затоа, МВР преку Бирото за јавна безбедност одлучи да учествува во „ВЕКТОР“ проектот и заедно да придонесе кон креирање модерно решение за идентификација на експлозивните направи, со што ќе се овозможи скратување на времето за постапување на безбедносните служби и побрзо и поедноставно да се справат со опасноста и со состојбата, рече Спасовски. Професор, д-р Бабак Акгар, директор на проектот, се заблагодари за соработката и истакна дека поддршката на Министерството е од особено значење за реализацијата на проектот. - Овој проект не значи ништо без корисниците, а вие тоа го овозможивте, рече тој. Директор на Дирекција за заштита и спасување, Беким Максути, истакна дека го радува фактот за идно развивање на модерна технологија за неутрализирање на овие експлозивни средства. - Само во 2020 година имавме пронајдено најголемиот број во историјата на Република Северна Макеоднија, вкупно 12 700 парчиња во Битола, во 2021 - 670 парчиња, што просечно испаѓа по две парчиња неексплодирани убојни средства и направи дневно. Во 2022, досега, пронајдени се 110. Сите овие работи кои што се пронаоѓаат на различни места во државата се пред сè опасност за граѓаните, но и предизвик за заедничката успешна соработка помеѓу институциите, рече Максути. Според него, развивањето на ваков вид на алатки ќе значат идентификација и проценка на експлозивните направи и се од витално значење за стратешките интереси и тактичките операции на членките и партнерите на НАТО. Деканот на Факултетот за безбедност од Скопје, професор д-р Никола Дујовски, истакна дека со ова покажавме не само дека сме подготвени за членство во НАТО, туку дека можеме и да ги носиме процесите и реално да учествуваме во донесувањето на одлуките и во спроведувањето на современите, модерните политики за заштита и безбедност. Ко-директорот на проектот, професор д-р Марина Малиш Саздовска се заблагодари за соработка и зборуваше за активностите кои биле спроведени при реализација на проектот. На крајот од обраќањата се одржа презентација на начинот на кој функционира овој софтвер и неговата применливост во работата на МВР и ДЗС. ар/сп/

Остани поврзан