• четврток, 15 јануари 2026

Бесплатни проекции во кина и онлајн на филмови од регионот на зимското издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот Регион

Бесплатни проекции во кина и онлајн на филмови од регионот на зимското издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот Регион

Белград, 14 јануари 2026 (МИА) - Зимското издание на Мрежата на фестивалите од Јадранскиот Регион ќе се одржи од 22 јануари до 5 февруари, при што публиката во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и во Северна Македонија ќе има можност бесплатно да гледа избор на наградувани регионални филмови - во кина и онлајн.

Публиката од земјите членки на Мрежата ќе има можност да гледа шест наградувани регионални филма: „Семејна терапија“ од Соња Просенц, Fiume o morte! од Игор Безиновиќ, „После летото“ од Данис Тановиќ, „Мајка Мара“ од Мирјана Карановиќ, „Живи и здрави“ од Иван Мариновиќ и „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан.

Програмата почнува на 22 јануари со бесплатни кинопроекции во Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Херцег Нови и во Скопје, а сите филмови ќе бидат достапни онлајн од 23 јануари преку платформата ondemand.kinomeetingpoint.ba.

Зимското издание се реализира како заеднички проект на водечките филмски фестивали во регионот - Фестивалот на оригинален филм во Белград, Филмскиот фестивал во Сараево, Меѓународниот филмски фестивал во Љубљана, Филмскиот фестивал во Загреб, Филмскиот фестивал во Херцег Нови и фестивалот „Браќа Манаки“ од Северна Македонија.

Тоа е четврто зимско издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот Регион организирано со цел поголема видливост, достапност и промоција на квалитетна современа регионална кинематографија.

Програмата на Мрежата на фестивалите на Јадранскиот Регион се спроведува со поддршка на потпрограмата „Медија“ од програмата „Креативна Европа“. зш/сд/

Остани поврзан