• вторник, 03 февруари 2026

Бесплатен интернет овозможен во центарот на Демир Капија

Бесплатен интернет овозможен во центарот на Демир Капија

Демир Капија, 26 јануари 2026 (МИА) - Општина Демир Капија е дел од иницијативата WiFi4WB, преку која во центарот на градот е овозможен бесплатен и сигурен јавен Wi-Fi. Проектот започна минатата пролет, а денес може да информираме дека е успешно реализиран и ставен во функција, соопштија од локалната самоуправа.

- Проектот е дел од програмата EU4Digital, кофинансиран од Европската Унија и германската Влада, а имплементиран од GIZ (Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit). Целта на WiFi4WB е обезбедување бесплатни Wi-Fi мрежи на јавни простори низ општините во Западен Балкан и поддршка на дигиталната транзиција и интеграцијата на регионот во единствениот дигитален пазар на ЕУ, додадоа од Општината.

Иницијативата предвидува воспоставување најмалку 300 јавни Wi-Fi мрежи во 300 општини во шест земји од Западен Балкан, меѓу кои и Република Северна Македонија.

Во нашата држава, интернет-провајдер е „Македонски телеком“ АД - Скопје, а проектот опфаќа целосен пакет услуги: Wi-Fi опрема, инсталација, интернет пристап и одржување до три години.

- Придобивки за граѓаните и посетителите се подобрена поврзаност и пристап до интернет на јавни места, поддршка на образованието и онлајн учењето, поттик за локалната економија и малите бизниси, полесен пристап до јавни и административни услуги, поголема социјална инклузија, унапредување на туристичката понуда, поттикнување на иновации и дигитална креативност, истакнаа од локалната самоуправа.

Со овој проект, како што потенцираа оттаму, Демир Капија прави уште еден конкретен чекор кон модерна, поврзана и дигитално достапна општина за сите. свд/лв/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан