• петок, 22 ноември 2024

Бесими: Продолжува поддршката на стопанството со поволни средства од ЕИБ, усвоен законот во Собранието за кредитна линија од 100 милиони евра

Бесими: Продолжува поддршката на стопанството со поволни средства од ЕИБ, усвоен законот во Собранието за кредитна линија од 100 милиони евра

Скопје, 15 јуни 2023 (МИА) – Нови 100 милиони евра од Европската инвестициска банка обезбеди Владата на РС Македонија наменети за малите и средни претпријатија за надминување на предизвиците кои произлегуваат од енергетската и економска криза. Вчера во Собранието беше усвоено законското решение за гаранција за Договорот за заем на овие средства, подготвено од Министерството за финансии.

-Со овие средства се излегува во пресрет на бизнис заедницата за обезбедување свеж капитал на малите и средни претпријатија, како и средно пазарно капитализирани претпријатија и проекти за зелена транзиција согласно економските мерки на Владата на Република Северна Македонија за заштита на потрошувачите и компаниите од енергетската криза. Ова е од големо значење за надминување на проблемите што произлегуваат од светската енергетска и економска криза којa директно го погодува работењето на малите и средните претпријатија. Тие значат поддршка на нови проекти, нови вработувања, зголемена ликвидност на стопанството, зголемен извоз и зелена транзиција, како и задржување на конкурентната позиција на компаниите, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

Со цел надминување на проблемите кои произлегуваат од светската енергетска и економска криза, која директно го погодува работењето на малите и средните претпријатија, Владата донесе мерки за стимулирање на работењето на мали и средни претпријатија преку пронаоѓање на модалитети за стимулирање на процесот на производство, обезбедување ликвидност на претпријатијата, зачувување на работните места, како и задржување на конкурентната позиција на компаниите.

Како што се наведува во соопштението од Министерството за финансии, кредитната линија ќе се пласира преку Развојната банка на Северна Македонија, а за крајните корисници средствата ќе бидат достапни преку деловните банки по поволна каматна стапка  и подолги рокови на отплата. Компаниите ќе може да ги користат за обртни средства и за инвестиции, а целта е да се обезбеди свеж капитал и ликвидносна поддршка.

Ова е седма кредитна линија, што од ЕИБ се реализира преку Развојната банка на Северна Македонија со која вкупната поддршка на Владата кон приватниот сектор изнесува 650 милиони евра. Таа претставува и  продолжување на активностите за поддршка на стопанството што Владата ги реализира преку Развојната банка на Северна Македонија, каде се пласираа средства и од кредитните линии кои беа дел од донесениот пакет антикризни мерки достапни по поволни услови.

-Дополнително во Собранието со усвојување на измените и дополнувањата на Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај ЕБОР по Договорот за заем за финансирање на проектот Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце - Крива Паланка - источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 2,  се овозможува пренамена на средства од заемот од ЕБОР за заокружување на  дел од градежните работи на железничките коридори 8 и 10, односно заемот од ЕБОР покрај за градежни работи за изградба на железничката линија од Бељаковце до Крива Паланка (фаза 2), вклучувајќи и обнова на постојните делови од линијата, ќе се користи и за финализирање на изградбата на железничката линија од Куманово до Бељаковце (фаза 1), како и  финализирање на подобрувањето на железничката пруга  на Коридорот 10. Пренамената на средствата од обезбедениот заем од ЕБОР се овозможија со доделениот рант за реализација на овој проект од Инвестициска рамка за Западен Балкан – ВБИФ, се наведува во соопштението од Министерството за финании. дма/са/

Остани поврзан