Бесими: По успешната граѓанска обврзница, денеска се одржува аукција за зелената обврзница, следуваат проектни обврзници
- По граѓанската обврница и зелената обврзница за која денеска се одржува аукција, министерот за финансии Фатмир Бесими најавува воведување на нов финансиски инструмент односно проектна обврзница.
Скопје, 3 октомври 2023 (МИА) - По граѓанската обврница и зелената обврзница за која денеска се одржува аукција, министерот за финансии Фатмир Бесими најавува воведување на нов финансиски инструмент односно проектна обврзница.
Новите проектни обврзници ќе претставуваат алтернативен начин за институционалните инвеститори за финансирање инфраструктурни проекти.
- Министерството за финансии планира да воведе нов инструмент на пазарот кој ќе биде наменет за финансирање инфраструктурни проекти, што е дел од новата стратегија за диверзификација на понудата на пазарот на капитал, вели Бесими за регионалниот сајт „SeeNews“.
Тој се осврнува и на граѓанската обврзница, најавувајќи втора емисија, како и на зелената обврзница од која се очекуваат 10 милиони евра кои ќе бидат искористени за поддршка на зелени проекти преку Фондот за енергетска ефикасност во Развојната банка.
- Министерството за финансии во јули годинава издаде двегодишни граѓански обврзници во износ од 1,448 милијарди денари (23,6 милиони евра, со фиксна каматна стапка од 5 проценти годишно, што е двојно повеќе од планираниот износ од 600 милиони денари. Министерството за финансии веќе подготвува втора емисија на граѓански обврзници, посочува Бесими, додавајќи дека ова е инструмент којшто постојано ќе биде присутен на пазарот на капитал и ќе биде достапен за граѓаните.
Новите видови државни хартии од вредност, како што наведува министерот, се дел од Стратегијата за управување со јавниот долг и Стратегијата за развој на пазарот на хартии од вредност и се во согласност со Планот за забрзан економски раст. Сите овие финансиски иструменти, како што вели, имаат развојна компоненета и се насочени кон поддршка на проекти планирани и во согласност со Буџетот. бак/нд/
Фото: МИА архива