• недела, 22 декември 2024

Бериша: Секоја мерка што ја презема оваа власт против мене е привремена

Бериша: Секоја мерка што ја презема оваа власт против мене е привремена

Тирана, 30 декември 2023 (МИА) – Поранешниот албански премиер Сали Бериша првпат реагираше откако Специјалниот суд против организиран криминал и корупција му изрече мерка куќен притвор, 24-часовен полициски надзор и забрана на комуникација со други лица, освен оние кои живеат со него во станот.

Бериша одлуката ја нарекува „политичко апсење поради омраза, страв и желба да се уништи опозицијата“ додавајќи дека „оваа одлука против него ќе биде привремена“.

-Драги пријатели, демократи, Албанци каде и да сте. Денеска се случи она што сите го знаевме, изолација и симнување на правото на збор на лидерот на опозицијата од страна на најмафијашкиот нарко-режим на Еди Рама, кој е и најкорумпираниот диктаторски режим во Европа и пошироко, пишува Бериша, кој Рама го нарекува со погрдни зборови.

Според него оваа мерка е „политичко приведување и израз на стравот што позицијата му го всадила на Рама дури до коскената срж“.

-Оваа мерка-политичко приведување, доказ за слепа политичка одмазда на Еди Рама, не само што ја изразува неговата наследена омраза кон противникот, туку пред сè го изразува стравот, теророт што ние, драги пријатели, му го всадивме до срж нему и на неговиот свет на криминалот со нашата битка без враќање, пишува меѓу другото тој.

Додава дека секоја мерка што ја презема оваа власт против него и опозицијата е привремена.

-Она што останува непобедливо е нашето непредавање и нашата решеност изолацијата на опозицијата да ја претвориме во битка за слобода и победа на Албанците. Затоа, ве повикувам да ја продолжиме под мотото „ДЕНЕС ИЛИ НИКОГАШ“ нашата битка без враќање уште посилни, порешителни и со повеќе страст и храброст од кога било досега, повикува Бериша.

Тој порачува дека ќе продолжи да работи и да се бори секоја минута, со сите форми и средства за враќање на демократијата која во моментов е обезличена. вт/

 

Остани поврзан