• сабота, 23 ноември 2024

Белорусија одлучила да го прифати руското тактичко нуклеарно оружје по долгогодишниот притисок од САД и НАТО

Белорусија одлучила да го прифати руското тактичко нуклеарно оружје по долгогодишниот притисок од САД и НАТО

Минск, 28 март 2023 (МИА) - Белорусија денеска одговори дека одлучила да го прифати руското тактичко нуклеарно оружје по долгогодишниот притисок од САД и нивните сојузници, насочен кон промена на политичката и геополитичка насока, наведе Хина.

Рускиот претседател Владимир Путин во саботата изјави дека Москва во иднина ќе се обиде да распореди тактичко нуклеарно оружје кај верниот сојузник и сосед Белорусија, со што ќе го ескалира конфликтот со Западот.

Белоруското Министерство за надворешни работи денеска  ја бранеше својата одлука да соработува со Русија, наведувајќи дека Минск дејствува за да се заштити од Западот.

„Во текот на изминатите две и пол години, Република Белорусија беше изложена на невиден политички, економски и информативен притисок од САД, Обединетото Кралство и нивните сојузници во НАТО, како и од земјите членки на Европската унија“, се наведува во соопштението на белоруското МНР.

„Со оглед на овие околности и оправданите грижи и ризици во сферата на националната безбедност што произлегуваат од нив, Белорусија е принудена да одговори со зајакнување на сопствените безбедносни и одбранбени капацитети“, се додава во соопштението.

Минск соопшти дека руските нуклеарни планови нема да бидат во спротивност со меѓународните договори за неширење на нуклеарното оружје, бидејќи самата Белорусија нема да има контрола над оружјето. сд/

Остани поврзан