Белгиското разузнавање предупредува на засилени руски дезинформации поради поддршката за Украина
- Овие дезинформациски кампањи опфаќаат теми како имиграцијата, правата на ЛГБТ+ заедницата и екстремизмот. Белгиското воено разузнавање оценува дека целта е ширење страв и убедување на јавноста во ризиците од поддршката за украинската одбрана.

Брисел, 2 април 2025 (МИА) - Белгиското воено разузнавање регистрира континуирано зголемување на случаите поврзани со руски дезинформации, објавија локалните медиуми повикувајќи се на официјален извештај. Забележано е дека овие случаи се поврзани со честите изјави на белгиските власти за поддршка на Украина во нејзината одбрана од руската агресија.
Во документот се нагласува дека ширењето на дезинформации против Белгија значително се зголемило откако беше објавена подготвеноста на земјата да ѝ испорача борбени авиони Ф-16 на Киев. Овие дезинформациски кампањи опфаќаат теми како имиграцијата, правата на ЛГБТ+ заедницата и екстремизмот. Белгиското воено разузнавање оценува дека целта е ширење страв и убедување на јавноста во ризиците од поддршката за украинската одбрана.
Извештајот дополнително посочува дека во последните години Русија повеќепати изведувала напади врз веб-страниците на државните и општинските институции во Белгија, особено за време на минатогодишните избори за Европскиот парламент, федералните власти и локалните самоуправи. Целта на овие акции била да се привлечат истомисленици, да се засили руското влијание и да се предизвика загриженост кај јавноста.
Медиумите денеска објавија дека белгиската министерка за дигитализација Ванеса Мац е ставена под засилена полициска заштита поради владините мерки за ограничување на анонимноста на интернет, како и по добиени закани од крајната десница. „Некои мислат дека слободата на изразување значи дека сè е дозволено, но тоа не е така“, изјави Мац, нагласувајќи дека владата има за цел да ги ограничи злоупотребите во онлајн просторот.ссм/
фото: архива