• недела, 05 јануари 2025

Белгиските градоначалници бараат европска забрана за огнометот

Белгиските градоначалници бараат европска забрана за огнометот

Брисел, 3 јануари 2025 (МИА) - По серијата повреди на новогодишната ноќ, во Белгија се разговара за забрана за продажба на огномети на граѓаните, а единственото несогласување е дали националната забрана е доволна или треба да се прошири на европско ниво.

Фламанските градоначалници се за европско ембарго за продажба на огномет, а групите за заштита на животните сметаат дека прво е потребна национална забрана.

Во главниот град на Белгија на новогодишната ноќ беа уапсени 159 лица, а полицијата реагираше на повеќе од 1.700 инциденти низ градот.

Здружението на фламански градоначалници соопшти дека најпрво контактирало со белгиски претставници, но има намера да ги прошири своите барања преку контактирање на партнерските организации во соседните земји, Европскиот комитет на регионите и поголемите институции, како што е Европскиот парламент.

Според Здружението, продажбата на пиротехнички средства треба да се забрани во сите земји-членки на ЕУ за да се спречат луѓето лесно да ја заобиколат со преминување на границата и купување огномет во друга земја.

Сепак, групата за права на животните ГАИА е скептична во врска со забраната на европско ниво.

Директорката на ГАИА Груп, Ан де Греф изрази надеж дека белгиската влада конечно ќе го забрани огнометот бидејќи повторно страдале животни на новогодишната ноќ. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан