• недела, 22 декември 2024

Бела куќа: Ирански војници на Крим ѝ помагаат на Русија во нападите врз Украина

Бела куќа: Ирански војници на Крим ѝ помагаат на Русија во нападите врз Украина
Вашингтон, 20 октомври 2022 (МИА) - Ирански војници се наоѓаат на Крим, каде им помагаат на руските сили да извршат напади со беспилотни летала од иранско производство врз Украина, соопшти денеска Белата куќа.
„Денес можеме да потврдиме дека руските војници со седиште на Крим управувале со ирански беспилотни летала и ги користеле за напади во Украина, вклучително и во Киев во последните денови“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на американското претседателство.
„Проценуваме дека ирански војници биле на теренот на Крим и дека и помогнале на Русија во тие операции. Не знам колку Иранци се наоѓаат на Крим“, рече тој, навестувајќи дека тие сè уште се таму, заедно со руските сили.
Кирби рече дека Русија досега добила десетици „дронови“ и ќе продолжи да ги прима и истакна дека САД стравуваат дека Русија сега можеби се обидува да добие иранско конвенционално оружје како што се ракети земја-земја за да ги користи во Украина.
Тој прецизираше дека Иранците во Украина се техничари и наставници и дека руските војници извршиле напади со „дронови“ кои сериозно ја оштетиле украинската инфраструктура.
„Техеран сега е директно ангажиран на теренот“, рече Кирби.
„САД ќе направат сè што е можно за да ги откријат тие испораки на оружје, да ги одвратат и да се борат против тоа“, додаде Кирби и рече дека САД ќе продолжат да спроведуваат санкции против продажбата на оружје и на Русија и на Иран. паг/

Остани поврзан