• понеделник, 23 декември 2024

Бектеши: Убеден сум дека трговците ќе ги почитуваат мерките

Бектеши: Убеден сум дека трговците ќе ги почитуваат мерките

Скопје, 3 април 2023 (МИА) - Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека нашите трговци ќе ги почитуваат целосно мерките за овошје и зеленчук. 

Бектеши истакна дека инспекторатите во нашата држава согласно законот се независни и тие директно даваат извештаи на Владата, затоа што, како што рече, „на седница на Владата, сме ги задолжиле сите инспекциски служби во нашата држава да направат засилени контроли, согласно нивните надлежности“.

- Координирано ќе биде постапено од страна и на инспекторатите, вклучувајќи ја тука и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Но, јас мислам и убеден сум дека нашите трговци ќе ги почитуваат целосно мерките и имаме искуство од последните две-три недели, дека над 90 отсто се почитуваат, посебно во големите супермаркети, заради тоа што се зборува за мерка што важи 25 дена, изјави Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање, како ќе се контролира почитувањето на мерката.

Во однос на времетраењето од 25 дена на мерката, Бектеши појасни дека тоа е така, заради тоа што речиси целосно сме зависни од увозот.

- Немаме наше домашно производство, и речиси целосно сме зависни од увозот. Посебно од Грција и од Албанија за повеќето од производите и секако дека не треба да оставиме простор да има такви маржи било тоа и една недела, а не пак да биде месец и пол или два месеца. А, од крајот на април, почетокот на мај, веќе ќе почнат да се пласираат нашите домашни производи, рече Бектеши.

На заедничката прес-конференција на Бектеши со директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, се постави прашањето како ќе бидат контролирани зелените пазари, „имајќи предвид дека најголем дел овошје и зеленчук се продаваат таму“, на што Трајковски појасни дека Државниот пазарен инспекторат, по донесување и на најновата одлука за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот, ќе настапи координирано и со другите институции како што се УЈП и МВР и заеднички во координирани акции ќе ги вршат овие надзори и на пазарите.

- Со сите други институции што се надлежни. Доколку немаат регистрирано дејност, значи си има санкција по закон за оној што врши дејност, а не е регистриран, подвлече тој.

Прашан како ќе се контролира цената по класа на производи, за да се избегне „да плаќаме за прва, но да добиеме втора или трета класа производи“, Бектеши, рече дека тоа во детали треба да го објасни Министерството за земјоделие или Агенцијата за храна и ветеринарство.

- Но, овие одлуки се донесени во целосна согласност и со поддршка од страна на Министерството за земјоделие. Наша обврска, како Министерство за економија, беше да направиме анализи во делот на колку било просечно како цена во тек на март, колку се увезни цени, во делот на маржите, дали се почитуваат одредени маржи или пак не, во делот на квалитетот на овошје и зеленчук обратете се во Министерството за земјоделие или пак во Агенцијата за храна и ветеринарство. Јас сум убеден дека кога ќе се пласираат нашите домашни производи, овие цени речиси за 30, 40 отсто ќе бидат уште пониски од тоа што ние сме ги определиле сега, на денешен ден, дециден беше министерот.

Владата денеска ја донесе одлуката со која се замрзнуваат цените на 11 видови овошје и зелечук. Одлуката, со која се опфатени доматите, краставиците, кромидот, карфиолот, пиперот, гравот, леќата, бананите, портокалите, мандарините и лимонот, ќе важи од 5 април до крајот на месецов.

Како што соопшти министерот, свежите домати ќе чинат максимум 70 денари, краставиците 75, кромидот 60, карфиолот 70, пиперот 90, гравот 75, леќата 110, бананите 70, портокалите 55, мандарините 60 и лимонот 55 денари. бд/аа/

ФОТО: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан