Бектеши: Рестриктивните мерки ги воведуваме за да го сочуваме јавното здравје и да не дојдеме до „локдаун“
- Рестриктивните мерки ги воведуваме со цел да го сочуваме здравјето на граѓаните и да не се вратиме во ситуација на тотален локдаун како претходната година, изјави вечерва министерот за економ
Скопје, 15 август 2021 (МИА) - Рестриктивните мерки ги воведуваме со цел да го сочуваме здравјето на граѓаните и да не се вратиме во ситуација на тотален локдаун како претходната година, изјави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.
На гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител“, Бектеши најави дека на утрешниот состанок на Главниот кризен штаб, ќе биде разгледана и можноста за влез со ПЦР тест, но не постар од 14 дена.
- Утре имаме Кризен штаб каде ќе разговараме за дополнителни мерки доколку се потребни. Согласно бројките што ги имаме последните денови, се разгледуваат повеќе опции како што се воведување на потврда за вакцинација и потврда за антитела, а дополнително ќе се разгледа и можноста да се достави и ПЦР тест, но не постар од 14 дена, а секако да ги прошириме и дејностите вклучувајќи ги тука и шопинг моловите, рече Бектеши.
Ако се почитуваат протоколите и мерките, Бектеши е убеден дека нема да има потреба од затворање на цели дејности.
Не се согласува со констатацијата на угостителите дека гостите се виновни затоа што има протоколи, кои, како што вели, треба да ги почитуваат сите.
Најави дека од утре ќе има засилени контроли на Државниот пазарен инспекторат со цел што повеќе да се почитуваат рестриктивните мерки, а за непочитување, рече дека ќе се постапува согласно законот. бак/