• сабота, 23 ноември 2024

Без петтиот пакет мерки, на принуден одмор ќе бидат пуштени тројно повеќе текстилни работници, предупредува синдикатот

Без петтиот пакет мерки, на принуден одмор ќе бидат пуштени тројно повеќе текстилни работници, предупредува синдикатот
Скопје, 16 април 2021 (МИА) - Ако петтиот пакет мерки не се донесе до крајот на неделава, тројно повеќе текстилни работници ќе бидат пуштени на принуден одмор, предупредува Синдикатот за текстил, кожа и чевли (СТКЧ) при Сојузот на синдикатите на Македонија. Оттаму велат дека пратениците си играат со судбината на илјадници работници кои чекаат плата за февруари и март. - Нечовечки е во услови на пандемија, Парламентот да си игра со судбината на илјадници работници кои чекаат плата за февруари и март, а сега сме април. Народните пратеници испаднаа ненародни луѓе и не знам со каков образ ќе бараат поддршка на следните избори од работниците кои ги оставија без две плати и егзистенција, вели Љупчо Радевски, претседател на Текстилниот синдикат. Од Сојузот на синдикати на Македонија потсетуваат дека државната помош треба да ги спаси работните места до втората половина на годинава кога се очекува враќање на нарачките од странските партнери и континуирана работа на текстилните погони. - Работниците не може да бидат на маргините за нечии политички пазар. Пратениците од власта и опозицијата да не си играат со народот и работникот и да го донесат петтиот пакет мерки и со тоа да се зачуваат работните места и исплатат платите на работниците, порачува претседателот на ССМ, Дарко Димовски. Законите од петтиот антикризен пакет сеуште се во собраниска процедура и не се изгласани. бак/дма/  

Остани поврзан