• сабота, 21 декември 2024

Бајрам Бегај на 24 јули и официјално станува шеф на албанската држава

Бајрам Бегај на 24 јули и официјално станува шеф на албанската држава
Тирана, 15 јули 2022 (МИА) - Новоизбраниот претседател на Албанија, Бајрам Бегај на 24 јули и официјално ќе ја преземе функцијата, кога ќе даде свечена заклетва на посебна седница на Парламентот, јави дописничката на МИА од Тирана. За денот на одржување на седницата се договорија координаторите на пратеничките групи. По пленарната седница, Бегај ќе замине во претседателската резиденција каде се очекува да се одржи државната церемонија за официјалното примопредавање на функцијата меѓу Бегај и Илир Мета, кој беше шеф на државата во изминатите пет години. Бегај, предлог на владејачките социјалисти, беше избран на 4. минатиот месец во четвртиот круг од гласањето (во трите немаше кандидати) со 78 гласови „за“, што подразбира дека гласаа и опозициски пратеници, четворица пратеници гласаа против, додека еден беше воздржан, од вкупно 140 пратеници колку што брои Парламентот. Пред да биде избран тој ја вршеше функцијата началник на Генералштабот на вооружените сили, со чин генерал.                   Во меѓувреме, Бегај имаше средба со Мета во претседателската резиденција. - Ми беше задоволство што се сретнав со новоизбраниот претседател, Бајрам Бегај. Уште еднаш, сега непосредно, му посакав успех на високата функција, во интерес на државата и на сите граѓани, објави Мета. По негова покана тој оствари средба и со поранешните шефови на албанската држава, Реџеп Мејдани, Алфред Мојсиу и Бамир Топи на која не беше поканет Сали Бериша, кого лани во мај САД го прогласи за непожелна личност поради вмешаност во корупција. Бегај (55) е осмиот претседател на Албанија, по падот на комунизмот и е втор висок армиски старешина на оваа функција, по Алфред Мојсиу (2002-2007), кој исто така по чин беше генерал. Двајца од досегашните претседатели, Рамиз Алија и Бујар Нишани, се починати. вт/паг/

Остани поврзан