• вторник, 19 ноември 2024

Бајиќ пред дуелот со Украина: Имаме обврска пред нашите навивачи да дадеме сè од себе

Бајиќ пред дуелот со Украина: Имаме обврска пред нашите навивачи да дадеме сè од себе
Скопје, 4 јули 2022 (МИА) – Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Драган Бајиќ, бара максимално залагање на неговите избраници на утрешниот натпревар со Украина, без оглед на тоа што шансите за пласман на Светското првенство се изгубени. - Доаѓа последното коло од овие квалификации, ги загубивме сите шанси, но имаме обврска пред домашните навивачи да го дадеме максимумот од себе и сигурно да го подобриме впечатокот од Шпанија со тоа што не можам да им замерам на играчите за борбеноста и на желбата. Украинците покажаа дека се добра репрезентација, ја совладаа Грузија во полн состав. Го контролираа цел натпревар. Сигурно е дека нè чека тешка задача. На момците им кажав, ако веќе губиме, мора да знаеме зошто губиме, а не тоа да биде без борба и без желба и без жар, изјави Бајиќ за веб-страницата на КФСМ. Тој посочи на проблемите со кои се соочуваше во текот на целиот квалификациски циклус. - Сите оние кои ја следат репрезентацијата уште од претквалификациите знаат, и гледаат дека бевме без важни играчи и тоа нè следи цело време. Јас како селектор на секој собир имам нови имиња. И тоа е голем товар за тренер да се воигрува екипата. Се надевам дека сега ги филтриравме сите работи и дека во квалификациите за ЕП ќе бидеме максимално комплетни. Предводникот на нашиот национален сениорски состав не  ја исклучува можноста за скор ангажман на уште еден натурализиран кошаркар. - Ќе се обидеме да најдеме Американец на плејмејкер или на другите надворешни позиции каде сме хендикепирани. Сигурно е дека во иднина подобро ќе играме и ќе имаме подобри резултати, оптимист е Бајиќ. Средбата со Украина е последна можност за „црвено-жолтите“ да ја побараат првата победа во групата „Г“. зс/

Остани поврзан