• понеделник, 23 декември 2024

Бајден уверен дека Северен поток 2 е лош договор за Европа

Бајден уверен дека Северен поток 2 е лош договор за Европа
Вашингтон, 26 јануари 2021 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден смета дека проектот Северен поток 2 е лош договор за Европа, изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки. - Претседателот и понатаму смета дека Северен поток 2 е лош договор за Европа, одговори Псаки на новинарско прашање дали гасоводот бил тема на денешниот телефонски разговор меѓу Бајден и германската канцеларка Ангела Меркел и каков е ставот на новата администрација за тој проект. Таа додаде дека во Белата куќа е познато оти претходната администрација вовела нови ограничувања на активностите поврзани со гасоводот. - Ќе ги анализираме тие мерки и претседателот планира да ги продолжи консултациите со нашите европски партнери околу тоа прашање, нагласи портпаролката. Проектот Северен поток 2 подразбира изградба на два кратки гасовода, чиј вкупен капацитет изнесува 55 милијарди кубни метри гас годишно, од брегот на Русија, преку Балтичко Море, до Германија. Во изградбата на гасоводот учествуваат голем број европски компании. Против изградбата на Северен поток 2 активно се бори Украина, која стравува дека ќе изгуби приходи од транзитот на руски гас, како и повеќе европски земји, вклучително Полска, Летонија и Литванија, но и САД кои сакаат да го продаваат својот течен природен гас во ЕУ. Вашингтон смета дека ова е политички проект, кој претставува закана за енергетската безбедност на Европа. САД на 19 јануари воведоа санкции против бродот „Фортуна“ кој учествува во изградбата на гасоводот Северен поток 2, како и сопственикот на бродот, компанијата КВТ-РУС. гт/

Остани поврзан