• понеделник, 23 декември 2024

Бангладеш: 150 текстилни фабрики ја прекинаа работата на неодреден период поради големите протести во индустријата

Бангладеш: 150 текстилни фабрики ја прекинаа работата на неодреден период поради големите протести во индустријата

Дака, 12 ноември 2023 (МИА) - Најмалку 150 текстилни фабрики во Бангладеш ја прекинаа работата на неодреден временски период. Тоа доаѓа во време кога индустријата е потресена од барања за зголемување на платите што доведе до протести, судири и погроми кај некои бизниси.

Од минатиот месец, Бангладеш е зафатен од протести, кои станаа насилни, од текстилните работници кои бараат повисоки плати. Најмалку тројца работници загинаа во насилството што избувна во протестите, а повеќе од 70 фабрики беа вандализирани од демонстрантите, според податоците на полицијата. Денеска почина и работник тешко повреден во насилството, со што бројот на жртви се искачи на четири лица.

Комитетот на текстилниот сектор кој ги формулираше предлозите за минимална плата во индустријата предложи на почетокот на неделата зголемување од 56,25 отсто на основната месечна плата за четири милиони текстилни работници, со што платата ќе станеше 12.500 бангладешки така (104 евра). Предлогот беше оценет како смешен и синдикатите веднаш го отфрлија.

Во четвртокот, околу 15.000 работници се судрија со полицијата на автопат и ограбија неколку текстилни фабрики. Полицијата поднесе жалба против 11.000 луѓе, кои јавно не ги идентификуваа.

Вчера 150 текстилни фабрики престанаа со работа во главните индустриски градови Ашулија и Газипур, северно од главниот град Дака. Ова се случи поради стравувањата од дополнителни штрајкови и протести на работниците во индустријата.

Работодавачите сметаа дека штрајкот на работниците е незаконски и се повикаа на член од Уставот кој им дозволува, како што рекоа, да ги затворат своите фабрики.

Протестите во текстилната индустрија се голем предизвик за владеењето на премиерката на Бангладеш, Шеик Хасина Вазед, која управува со земјата со цврста контрола од 2009 година. Таа ќе се кандидира за реизбор во јануари.

3.500 текстилните фабрики во Бангладеш сочинуваат околу 85 отсто од годишниот извоз на земјата од 55 милијарди долари и снабдуваат производи за многу познати светски брендови како Зара или H&M. Но, условите за работа за најголем дел од четирите милиони вработени во индустријата, од кои повеќето се жени, се очајни. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан