• понеделник, 23 декември 2024

Балтичките земји повикаа на формирање специјален суд за Украина

Балтичките земји повикаа на формирање специјален суд за Украина
Брисел, 21 октомври 2022 (МИА) - Балтичките земји побараа денеска, на вториот ден од самитот на Европската унија (ЕУ) во Брисел, формирање специјален суд кој ќе суди за злосторствата извршени од Русија во Украина.
„Апсолутно треба да разговараме за правниот одговор на извршените злосторства и за формирање специјален суд кој ќе ги процесуира“, изјави естонската премиерка Каја Калас.
Според неа, воените злосторства спаѓаат во надлежност на Меѓународниот кривичен суд, но за злосторствата за агресија (против Украина) треба да суди само специјален трибунал. Летонскиот премиер Крисјанис Каринс, исто така, ја повика Европа да се обедини и да ја „поддржи Украина, не само да ја осуди Русија, туку да почне да работи на формирање суд кој ќе бара одговорност од Русија за злосторствата што во моментов ги прави во Украина“. Естонија и Латвија, заедно со Литванија, неодамна ја повикаа ЕУ да и помогне на Украина да воспостави таква јурисдикција, која би била „комплементарна“ на Меѓународниот кривичен суд (МКС). Чешка, која моментално претседава со Советот на ЕУ, исто така повика на создавање специјален трибунал откако беа откриени стотици тела закопани во близина на Изјум, град во источна Украина кој беше во рацете на Русија. Земјите од ЕУ немаат заеднички став за создавање ваков специјален трибунал, што во неколку наврати го побара украинскиот претседател Володимир Зеленски. Европскиот комесар за правда Дидие Рејндерс минатата недела изјави дека е неопходно „прво максимално да се искористат сите постоечки алатки“, а тоа се услугите на украинскиот јавен обвинител, истрагите што ги спроведуваат 14 земји-членки и истрагите на МКС. паг/  

Остани поврзан