• петок, 05 декември 2025

Балтичките држави и официјално се повлекоа од Договорот за противпешадиски мини

Балтичките држави и официјално се повлекоа од Договорот за противпешадиски мини

Вилнус, 28 јуни 2025 (МИА) – Балтичките држави Естонија, Летонија и Литванија ја известија Организацијата на Обединетите нации за нивното повлекување од Отавската конвенција за забрана на употреба на противпешадиски мини, соопштија министерствата за надворешни работи на трите земји синоќа и денеска.

Трите поранешни советски републики кои граничат со Русија, а сега се членки на ЕУ и НАТО, поднесоа официјална декларација која ќе стапи во сила шест месеци по нејзиниот прием.

- Со оваа одлука испраќаме јасна порака: нашите земји се подготвени и можат да ги употребат сите потребни мерки за одбрана на сопствената територија и слобода, се вели во декларацијата.

Отавската конвенција предвидува сеопфатна забрана за употреба, складирање, производство и транспорт на сите видови противпешадиски мини, кои се сметаат за особено нехумано оружје. Договорот е склучен во 1997 година и оттогаш е потпишан од повеќе од 160 земји, но меѓу нив не Русија, САД, ниту Кина.

За повлекување од конвенцијата претходно одлучија владите на трите земји, а го одобрија парламентите на овие балтички држави. На тој начин тие следат заедничка препорака на министрите за одбрана, но и на Полска, а им се придружи и Финска.

Отфрлањето на конвенцијата е одраз на заканата што ја претставува Русија и војната што ја води против Украина, а балтичките држави ја гледаат како директна закана за сопствената безбедност. Целта на ваквиот потег е да се зајакне одвраќањето и одбранбените способности и да ѝ се овозможи на војската поголема флексибилност и слобода на одлучување, наведоа потписничките.

Хуманитарните организации и бројни добитници на Нобелова награда ја критикуваа нивната одлука и ги повикаа владите на трите земји да се заложат за договорот. Загриженост поради ваквата одлука изрази и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, но балтичките држави истакнуваат дека и по повлекувањето од договорот и понатаму ќе се придржуваат до начелата и стандардите на меѓународното хуманитарно право и заштитата на цивилното население. јт/

Фото: ОН

Остани поврзан